Македонско здружение во Албанија бара формирање на две македонски општини, Голо Брдо и Гора

од Берта Китинска

Македонското друштво „Илинден”-Тирана достави барање до претседателката на албанскиот парламент Линдита Никола, со кое од име на Македонците се бара формирање две општини Голо Брдо и Гора.

Барањето велат е врз основа на „Законот за заштита на националните малцинства во Албанија”.

Според претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај во образложението на барањето се наведени „основани причини за ова легитимно барање на Македонците од двете области”.

„По територијалната поделба во Република Албанија што се случи во 2014 година, областите Голо Брдо и Гора, каде живее македонско население останаа неразвиени. Исто така Македонците не се застапени во локалната власт. Во 2014 година, владата ги укина општините Требиште, Острени и Стеблево, во областа Голо Брдо и ги припои, првите две во општина Булќиза, а општина Стеблево во општина Либражд. Општините Шиштавец и Запот во областа Гора, пак, по укинувањето се припоени кон општина Кукс, стои во образложението“, информираше Ѓурѓај за МИА.

Македонското друштво смета дека со формирање на областите во две општини ќе се заштити етничкиот, јазичниот, културниот и верскиот идентитет на македонското национално малцинство на овие простори. Воедно ќе ја зајакне економијата на жителите и ќе овозможи развој на областите, кои се најнеразвиени во државата.

Македонското друштво „Илинден“-Тирана е регистрирано во 2009 година во регистарот на Судскиот округ Тирана чија мисија е заштита на етничкиот, културниот и верскиот идентитет на македонското малцинство во Република Албанија.

Слични содржини