Македонците од Бугарија: Софија да го промени Уставот за да ги добиеме сите права

од Nikola Popovski

Македонските организации во Бугарија издадоа Декларација во која ја осудуваат, како што наведуваат, континуираната политика на негирање, дискриминација и асимилација водена официјално против Македонците во Бугарија.

„Ја осудуваме политиката водена од Република Бугарија против Република Македонија, поставувањето на иритирачки услови пред нејзиното членство во ЕУ, а имено да се откаже од идентитетот на македонската нација, јазикот, историјата и да се одрече од македонското малцинство во Бугарија“, стои во Декларацијата на македонските здруженија во Бугарија.

Од Бугарија бараат да не го негира македонското малцинство, да го признае и да му ги даде сите права. Бараат Бугарија да го промени Уставот така што во него јасно да бидат гарантирани правата на националните и етнички малцинства и да стане невозможно „единството на нацијата“ да биде користено против правата на малцинствата. Понатаму бараат Бугарија да запре да ја уценува Македонија и да ја деблокира нејзината евроинтеграција.

Од македонската влада пак реагираат дека постапуваат во согласност со сите европски приципи и во согласност со македонскиот Устав кој вели дека земјата не треба да се меша во внатрешните работи на другите земји. Апелираат до здруженијата, правата да ги бараат пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Барањето Македонија да се откаже македонско малцинство во Бугарија е една од точките 5+1 кои беа наведени по самитот во Словенија, на кој на маса беше и деблокадата на македонските евроинтеграции.

Слични содржини