Македонците враќаат долг кон државата само под притисок

од Vladimir Zorba

Македонците враќаат долг кон државата само под притисок. Автентична потврда на ова верување е пилот проектот спроведен во три македонски општини од страна на недвладината ЦЕА (Центар за економски анализи), кој покажа дека најголемо влијание кај даночните обврзници со повеќегодишни неплатени обврски за данок на имот има заканувачката порака.

Откако добиле писмо во кое пишува дека општината може да покрене постапка за извршување доколку долгот не се подмири, 11,6 % од анкетираните обврзници целосно си ја платиле заостаната обврска. Во однос на тоа кој повеќе „се исплашил“ од ваквото предупредување, инетересно е сознанието дека заканувачката порака во помала мера влијае кај жените.Во просек 7,8% од нив решиле да го исплатат долгот наспроти 10,5 % од анкетираните мажи.

Пилот проектот покажал дека врз совеста на даночните должници далеку помалку влијаат пораки со поблаги содржини.Писмото со порака за јавно добро во кое пишувало дека прибраните средства од данокот се користат за поддршка на претшколското образование, за основното образование и за локалните патишта, не успеало да ја поттикне одговорноста кај жените.Едвај 4 % од нив реагирале, за разлика од 9,6% од мажите.

Најревносни во плаќање на долговите по добивање на различни видови пораки, биле обврзниците на возраст меѓу 35 и 55 год, или 11,3 %.За плаќање на долгот најмалку се загрижени помладите од 35 години или едвај 5,6 %.Заостанатиот долг го платиле 8,3 % од највозрасната група кои имаат над 55 години.

Пилот проектот спроведен од ЦЕА опфатил 2079 обврзници со ненаплатени побарувања за данок на имот со вкупен износ од 22 милиони денари.По примање на писмата со различните пораки долгот изнесувал 20,6 милиони денари што покажува намалување од 1,32 милиони денари или 6% од побарувањата.

Резултатите се вели во ивештајот од анализата, покажуваат дека доколку се примени нов пристап за комуникација на ниво на сите општини, сопствените приходи на општините можат да се зголемат за 1,4 %, а вкупните приходи за 0,5 %.

„Сите три различно дизајнирани пораки имаат влијание врз наплатата на заостанатите долгови за данок на имот.Преку нив не само што се поттикнува подмирување на подолго заостанатите обврски туку истите би требало да се користат и за навремено и редовно плаќање на различни даночни обврски. Преку унапредена комуникација може да се поттикне навремено и јасно информирање на даночните обврзници за работата на општината и постепено да се влијае на даночниот морал на релативно ефтин и брз начин за прибирање на планираните приходи без притоа да се менува регулативата“, стои во заклучокот на извештајот.

Во 2019 год. приходите од даноци учествувале со речиси 25 % во вкупните приходи на општините.Таа година општините генерирале 8,9 милијарди денари од даноци а од нив 3,2 милијарди биле од данок на имот. Пандемијата со ковид 19 силно влијае и врз прибирањето и наплатата на даноците.Бројките како што пишува во извештајот, покажуваат дека во 2020 г. приходите од даноци на имот се намалиле за 8% или за 260 милиони денари споредено со 2019 г.

Слични содржини