„Макпетрол“ кон Бектеши: Не сме монопол – во Македонија има над 40 лиценцирани увозници на природен гас

од Nikola Popovski

Повеќе од 40 компании во Македонија имаат лиценци за увоз на природен гас, што целосно ги демантира тврдењата на министерот за економија, Крешник Бектеши, дека „Макпетрол“ има монополска позиција на овој пазар. Оваа изјава, како и низа други кои што од негова страна беа пласирани, служат само за да ја дефокусираат јавноста од главниот проблем – дека државата и нејзините институции популистички се фалат оти пазарот со природен гас е либерализиран, а притоа земјата ниту има сертифициран оператор, ниту се донесени нужните подзаконски акти, ниту се вопоставени правилата на функционирање, се вели во реакцијата на компанијата.

Во однос на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека во енергетска криза не треба да се има пристап кон работата што вклучува уцени, „Макпетрол“ истакнува оти најавата дека нема да увезува гас од 1 јануари е резултат исклучиво на избрзаната одлука за промена на правилата на пазарот со природен гас.

„Не е во прашање никаква уцена, туку економски оправдано решение со цел да се избегне генерирање енормни загуби и долгови кои компаниите што увезуваат гас никогаш нема да можат да ги наплатат затоа што потрошувачите на овој енергенс нема да бидат во можност да ги исплатат“, велат оттаму.

Начелно и само на хартија, направено е превземање на регулативата на овој сектор од Европската Унија, а притоа целосно се игнорира реалноста на македонскиот пазар, која што укажува дека таа е неприменлива, децидни се од компанијата.

„Причините за тоа се многубројни, но главна несомнено е таа што укажува дека нашиот пазар е мал, a гасот што тука пристигнува, тука и завршува. Тоа, од една страна, значи дека како земја не сме во можност да увезуваме доволни количини, а од друга, дека немаме количини што би направиле баланс на тие што нема да се потрошат“, соопштуваат од Макпетрол.

Во такви услови, продолжуваат, потребни се прецизни подзаконски акти и правила кои што ќе го регулираат функционирањето на пазарот.

Овие што сега избрзано се наметнуваат се економски неисплатливи и со нив ќе се нанесат огромни штети и на увозниците и на крајните потрошувачи, додаваат тие.

Енергетската заедница, организација што ги обединува државите од југоисточна Европа и тие од ЕУ, чие седиште е во Виена, во својот ноемврски извештај направи анализа на македонскиот пазар со гас во која што заклучи дека процесот на негово разврзување е комплетиран одвај осум проценти. Тие истакнуваат дека процесот на спојување на ГА-МА и НЕР е во тек, исто како и сертифицирањето на новата компанија.

Енергетската заедница го препорачува следново:

– Сертификацијата на операторот на системот за пренос да се изврши во најкус можен рок, а соодветните подзаконски акти да бидат финализирани и одобрени без натамошно одлагање. Новиот преносен систем-оператор треба да продолжи со целосна имплементација на сите правила релевантни за функционирањето на системот, надминувајќи ги празнините во последната деценија – истакнуваат од Енергетската заедница.

„Досега, овие препораки од Енергетската заедница, каде што заедно со ЕУ членува и Македонија, не се донесени. Тоа само укажува дека наводното либерализирање на пазарот се прави на паушален начин и притоа креира услови за работа кои што и на краток и на долг рок ќе бидат катастрофални за компаниите што се занимаваат со увоз на природен гас, како и за нивните потрошувачи“, посочуваат во реакцијата и додаваат:

„За „Макпетрол“, клиентите се најзначајни и како и секогаш кога постојат предизвици, компанијата е подготвена преку разговори да се стигне до решение кое што ќе биде издржано, односно чии евентуални недоследности нема да паднат на грбот на увозниците, но и на крајните корисници на природен гас во земјата“.

Бектеши вчера порача дека Макпетрол речиси 20 години имала монопол во делот на снабдување со природен гас во земјава и дека компанијата се однесува неодговорно.

-Завршило тоа време и ние се залагаме за либерализација на пазарот, како што правиме и во другите сектор. Обврската што сме ја презеле и ја спроведуваме. Ако не донесовме ваква одлука, можевме да се воведеме во ситуација за да бидеме целосно зависни од Руската федерација и што ќе се случеше ако преку ноќ имаше забрана за снабдување со природен гас во земјава. За жал можеби има надворешни сили што влијаат на вакви одлуки, но ние сме демократска држава имаме закони и ќе постапиме согласно законите и никој нема да оставиме да биде над државата, кажа првиот човек во ресорот економија.

Слични содржини