Францускиот претседател Емануел Макрон во интервју за La Tribune Dimanche зборуваше за американско-европските односи и како тие можат да влијаат на Русија.
Коментирајќи ја последната дискусија меѓу Трамп и Зеленски, Макрон рече дека се тргнало наопаку за време на разговорот со медиумите во Белата куќа.
„Сепак, не верувам дека овој надреален момент ќе значи крај на врската. Мислам дека, надвор од гневот, сите треба да се вратат на смиреност, почит и признание. Треба да продолжиме понатаму бидејќи она што е во прашање е премногу важно“, рече Макрон.
Тој смета дека Америка нема друг избор освен повторно да се вклучи во дијалог.
„Судбината на Американците е да бидат на страната на Украинците, не се сомневам во тоа. Она што САД го направија во изминатите три години е целосно во согласност со нивната воена и дипломатска традиција. Сакам јасно да им дадам до знаење на Американците дека повлекувањето од Украина не е во нивен интерес“, рече францускиот претседател.
Тој исто така истакна дека на границите е вооружена и агресивна Русија.
„На нашите граници има превооружена и агресивна Русија. Таа спроведува терористички акции и масивни кампањи за дезинформација овде и во Европа. Ако никој не го спречи господарот на Кремљ, тој дефинитивно ќе оди во Молдавија, а можеби и понатаму во Романија. Нашата безбедност сега е загрозена“, заклучи Макрон.