Макрон не исклучува испраќање борбени авиони за Киев, но под одредени услови

од Nikola Popovski

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека Франција не ја исклучува можноста да испрати борбени авиони за Украина, но наведе одредени услови под кои може да се случи тој чекор.

Франција досега испрати противвоздушни системи, ракетни фрлачи, топови и друга воена опрема во Киев и вети дека ќе испрати специјални воени возила за набљудување и борбени возила, но не испрати тенкови и тешко оружје, наведува АП.

Запрашан на прес-конференција во Хаг, каде што се сретна со холандскиот премиер Марк Руте, дали Франција размислува да го испрати авионот, Макрон одговори дека „ништо не е исклучено“ доколку се исполнат одредени услови.

-Условите се опремата да не доведе до ескалација на тензијата или да се користи на руско тло, а се подразбира и испраќањето да не ги загрози капацитетите на француската армија, посочи Макрон.

Тој исто така нагласи дека Украина мора да поднесе официјално барање.

Холандскиот премиер Марк Руте изјави дека Украина официјално не ги побарала холандските авиони Ф16. Руте ги поздрави неодамнешните најави од Германија и САД дека ќе ги испратат своите тенкови во Киев.

„Што се однесува до Холандија, ќе бараме да направиме се што можеме. Ние не поседуваме тенкови Леопард, туку ги изнајмуваме“, рече Руте.

Фото: EPA-EFE/LUDOVIC MARIN

Слични содржини