Макрон победи во вториот круг од претседателските избори со 58,54 отсто од гласовите

од Vladimir Zorba

Емануел Макрон (44) освои 58,54 отсто од гласовите во вториот круг од изборите и стана првиот француски претседател во последните 20 години кој освоил последователен мандат.

Според резултатите објавени на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи на Франција, врз основа на 100 отсто од преброените ливчиња, неговата противкандидатка од крајнодесничарската партија Национално собрание, Марин Ле Пен освоила 41,46 отсто од гласовите.

Во Франција на гласање излегле 35.096.391 гласач од вкупно пријавени 48.752.500, што е 71,99 отсто.

„Ќе бидам претседател на сите, никој нема да биде на страна“

Претседателот на Франција синоќа изјави дека ќе биде претседател на сите и дека никој нема да биде оставен настрана.

„Наше е да работиме заедно за да постигнеме единство што ќе ни овозможи да живееме посреќен живот во Франција“, рече Макрон, пренесе Ројтерс.

Додаде дека знае оти многу Французи гласале за него не за да ги поддржат неговите идеи, туку да ја блокираат екстремната десница и рече дека следните пет години нема да бидат континуитет на неговиот претходен мандат.

„Ова гласање ме обврзува во годините што доаѓаат“, истакна тој, заблагодарувајќи им се на гласачите кои ја блокираа екстремната десница, пренесе БФМ ТВ.

Ле Пен го призна поразот: Ќе продолжам да се борам за Французите

Кандидатката на десницата Марин Ле Пен вечерва го призна изборниот пораз и рече дека ќе ја продолжи борбата и дека предизвикот за нејзината партија е да се фокусира на парламентарните избори во јуни.

„Ќе ја продолжам мојата работа за Французите повеќе од кога било“, рече Ле Пен во говорот по изборите.

Макрон – првиот претседател со втор мандат во последните 20 години

Емануел Макрон стана првиот француски претседател кој освои втор претседателски мандат по ред во последните 20 години, откако Жак Ширак го победи таткото на Марин Ле Пен, Жан-Мари и го освои својот втор претседателски мандат во 2002 година.

Кога Макрон беше избран за шеф на државата во 2017 година, тој стана најмладиот претседател на Републиката во историјата на Франција со само 39 години, кога Марин Ле Пен исто така му беше противкандидат.

Шолц прв му се јави на Макрон

Првиот телефонски разговор меѓу претседателот на Франција, Емануел Макрон по реизборот бил синоќа со германскиот канцелар Олаф Шолц, соопшти Елисејската палата.

„Канцеларот Шолц го повика претседателот да му честита“, се вели во соопштението на Елисејската палата и се додава дека ова е прва покана до претседателот, односно знак на француско-германско пријателство, пренесе Ројтерс.

Слични содржини