Макрон, ратевските бамбурци и мицињата

од Nikola Popovski
709 прегледи

И покрај очекуваниот пропагандистички обид на мицковистичко дпмне за дифузирање на лажна перцепција и интерпретација на средбата со Емануел Макрон во јавноста преку нивната моќна машинерија на лаги, дури и ние, кои знаеме за познатиот француски „дух за финеси“, бевме изненадени од соопштението на Елисејската палата, кое целосно се разликува од она напишано во дувлата на темниот мицковистички агитпроп. Според единственото вистинско соопштение на кое треба да му се верува како одраз на објективната, фактичка реконструкција на разговорот, Макрон едноставно го кажал она што со месеци и со години го кажуваат сите институции и претставници на ЕУ – поддршка за Македонија во ЕУ има доколку Македонија претходно ги исполни меѓународно превземените обврски (при што јасно се упатува токму на Францускиот предлог, кој брзо потоа стана и предлог-договор на целата ЕУ). Со други зборови, откако ќе ги внесе Бугарите во Уставот, без некакво неразбирливо одложено дејство на Уставните измени или некакви си неразбирливи гаранции. Изгледа дури и во Франција дознале за вообичаената практика на мицковистичко дпмне за пристрасно и тенденциозно интерпретирање на фактите, па се сетиле дека е подобро да ја кажат вистината, за секој случај. Слично беше и со Баербок, што значи дека се повеќе се дознава низ ЕУ за ваквот модус на манипулирање со фактите карактеристичен за дувлата на мицковизмот –  впрочем, затоа и се поретко има т.н. заеднички соопштенија од средби, што инаку е вообичаена практика во дипломатијата.

Се разбира, сите овие безбројни ефтини политички лаги, полувистини, намерно погрешни интерпретации, тенденциозни соопштенија за јавноста итн. се исклучиво во функција на оддржување на режимот на Дпмне, Меџити, Гаши, Касами и Таравари, сосе оние од Знам. Интериоризираниот модел на мислење и делување на оние што останаа во дпмне мицковистичко и одат по „паметот“ на нивното раководство е исклучиво насочен кон освојување и макијавелистичко задржување на власта по секоја цена. Впрочем, дека нема политичка цена која тие заради функции и огромни буџетски плати не се подготвени да ја платат гледаме секој ден – од самоконтрадикторните ставови на нивните партиски а сега истовремено и државни функционери па се до, така да се каже, секојдневните понижувања кои им го прават нивните коалициски  партнери од Влен – дали со упорното и дрско форсирање на албанска академија на науки, дали со албанските знамиња ширум владините кабинети и други институции. Речиси психопатолошката политичка алчност за власт односно привилегиите и можностите за лични придобивки на некои ликови во дпмне мицковистичко мора да биде аларм за секој нормален човек посебно во смисла на предизвикување на пироновски скептицизам кон се што доаѓа оттаму како зборови или делување. Просто кажано, не верувајте во ништо што произлегува па дури и што е на било каков начин поврзано со нив – можете априори да бидете уверени дека сето тоа е или политичка лага, или опортунистичко дејство исклучиво во личен интерес на мицињата или понекогаш на нивната партија, и ништо повеќе.

Лично, силно сум убеден дека и Макрон и Бербок и сите други сериозни политичари од Европа и претставници на ЕУ се зачудени од политичките будалаштини и детски трикови на мицковистичко ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ. Да се надеваме дека нема уште долго да ги толерираат овие толку провидни игри за оддржување на власта – и можеби ваквото соопштение од Франција а претходно и автентичната интерпретација на она што самата го кажала од страна на Баербок е токму почеток на ставање на крај на ваквото манипулирање и симулакруми на фактите и вистината од страна на оние од тоталитарниот режим во нашата татковина Македонија. ЕУ денес мора да ни помогне во нашето македонско самоосвестување дека веќе долги 4 месеци сме под власт на најлошата, нај-антинародната власт во историјата на Македонија, со ужасни последици врз сите димензии на светот на животот. Тие не смеат да не остават сами со нив, со окупираните, тотално партизирани институции на системот, со заробените медиуми и владеењето на стравот од тоталитарната држава. Тие мораат да го прочитаат нашето писмо, пораката на Македонскиот народ и сите што живеат овде, за нашите маки. Крајно време е некои од опозициските партии и да го напишат тоа писмо како рефлексија на колективното мислење на народот. Оној не го напиша неговото писмо, но ние мораме да го напишеме нашето, бидејќи тешко ќе се ослободиме од режимот без нивна помош, која еве, сепак, со Баербок и Макрон, почна да ни пристигнува, барем како демистификација и целосно разобличување на политичките лаги и манипулации во Сталинистичко-Орвеловска Македонија.

Како и ние овде, сигурно и Макрон, а претходно и Баербок, се чуделе што воопшто зборуваат експонентите на режимот кога спомнуваат некакво одложено дејство на Уставни измени, некакви гаранции, предвидливост на процесот на преговори со ЕУ и слично. Сосема е јасно дека до толку се заплеткаа во сопствените измислици во намерата да ги задржат удобните фотељи на власта што сето тоа заедно не само што нема никаква конзистентност и минимум логичка кохерентност туку се повеќе личи на хаотично купче на политички будалаштини. Имено, за какви одложени Уставни измени се зборува кога тоа едноставно не е прифатливо за ЕУ, а уште помалку за Бугарија, а како што кажа вчера и (веројатно) новиот Еврокомесар за проширување Марта Кос, интересите на земјите членки се на прво место (патем, и таа го повтори барањето за промена на Уставот). Имено, иако веќе банално позната, нивната главна пропагандистичка финта е дека, демек, тие, наводно, ќе ги штителе националните интереси преку одложено важење на Уставните измени, или барање гаранции за предвидливост и крај на процесот (?!)  – а гаранции веќе има – тие се во преговарачката рамка! Нема да има други барања од Бугарија, па тоа е одамна кажано, на пример дури и Шолц тоа најдиректно го потврди. Мицињата се, да се изразам метафорички, како во приказната за гуски во магла, ниту знаат што бараат или тоа што го бараат веќе го има. Некој што не ги познава мицињата може да помисли дека тие не ја разбираат суштината на ЕУ. Не, јас мислам дека тие намерно политички лажат – па, самата суштина на ЕУ интегративниот процес е да нема билатерални отворени прашања и проблеми, тие мора да бидат разрешени во процесот на интеграција. За нас преговарачката рамка е утврдена и изгласана, и таму се сите барања на Бугарија, како што тоа порано, пред да станат платеници на дпмне, го тврдеа и нивните најгласни денешни пропагандисти. Нема други барања освен тие што се содржани таму, просто е. Токму затоа, знаејќи дека е невозможна промена на преговарачката рамка – иако претходно се силеа и го лажеа народот за изборна победа – брзо ретерираа велејќи дека можат да се постигнат подобри преговарачки услови за ЕУ и без промена на преговарачката рамка (така!). Исто така, се разбира дека детската финта со гаранции е тропање на отворена врата – гаранции дека нема да има нови барања е токму преговарачката рамка. Какво деблокирање на ЕУ интегративниот процес сега бараат кога всушност тие се блокадата, нивното познато НЕ на францускиот предлог кој и ден денес е важечки и е преговарачката рамка. Режимот е блокадата. Не смее нивните лаги да не блокираат нас, народот. Не смее заради нив ние да бидеме блокирани од ЕУ. Одговорноста мора да се лоцира а таа е недвсмислено кај нив и нивното политичко лицемерие и лаги.

Барале предвидливост на процесот – па, процесот е непредвидлив додека се тие на власт; треба да се исполнат условите и критериумите во секој стадиум на процесот – исполнувањето е предвидливоста. За тие реално да го направат тоа што го зборваат мора да се промени преговарачката рамка, а тоа е невозможно. Бугарите го знаат тоа, и затоа и не реагираат на овој ефтин уличарски маркетинг без реални ефекти. А, да не заборавиме и дека токму тие ги влошија односите со навредите кон Бојко Борисов, со подмолната антибугарска пропаганда која ја реализираат нивните медиумски платеници. Оттаму, само ги лажат припростите гласачи дека ќе добиеле гаранции за предвидливост на процесот, наместо кога се подготвуваше францускиот предлог да придонесеа ако воопшто тоа беше можно за подобар предлог. Ама не, тие тогаш врескаа, го кинеа и палеа во Собрание, потпишуваа некакви нотарски изјави и слично. За иронијата да биде максимална, како тоа сега тој предлог им е арен, преговарачката рамка? Истиот е. Ни буква нема сменето, ниту ќе се смени, попусто му даваат време на времето, да го парафразираме епскиот плеоназам, додека ние овде, обичните луѓе кои не се буџетари со 3000 евра плата секојдневно осиромашуваме без ЕУ.

За среќа, ние Македонците имаме историски палимпсести во нашиот менталитет и колективен модел на мислење кои секогаш наоѓал соодветни начини за спротивставување на ропство, режим, апсолутизам, диктатура. Тој инаетлив отпор и креативни начини за изразување на непокор мора да е сеуште задржан кај секој нормален човек овде. Во историјата на ропството во кое живееле нашите претци низ различни конкретни форми – од пашалаци и монархија па се до денешната диктатура на мицковистичко дпмне, Влен и Знам – секогаш наоѓале макар и симболички начин за протерување на окупаторите, диктаторите; толку уникатни што компаративно не можат да се сретнат ширум светот барем според оние забележаните од Клод Леви Строс. Тие магиски ритуали, од Џоломарите до Ратевските бамбурци со импресивна симболика на прогонување на чумата и злото далеку од куќите со факели и застрашувачки големи креативни маски од животински кожи – покажуваат дека постои Македонска универзална матрица за непокор која се задржала низ вековите, како борба за собода и демократија, изразено со понова терминологија. На Ратевските бамбурци пред 6 века им успеало да ја изгонат чумата од своето село – па и на нас ќе ни успее, метафорично кажано, да ги изгониме оние од диктаторскиот режим подалеку од институциите на системот на предвремени ибори напролет или заедно со локалните избори. Да, за жал, има уште многу време дотогаш и ќе биде колективен мазохизам трпењето на оваа власт, но тоа мачно време што ќе го живееме барем ќе биде поука за оние лекомислените што ги гласаа и паметник за да не се направи никогаш повеќе таква грешка при гласањето како на 8 Мај, тој толку лош ден за Македонците.

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини