Макрон со писмо до Пендаровски: Поддршка во преговорите со ЕУ, најавена посета на Македонија

од Nikola Popovski

Францускиот претседател Емануел Макрон испратил писмо до неговиот македонски колега Стево Пендаровски, во кое меѓу другото, ѝ посакал на Северна Македонија година на хармонија и натамошен напредок на нејзиниот европски пат.

Макрон во писмото се осврнал на билатералните односи меѓу С. Македонија и Франција.

-Од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две земји пред триесетина години, Франција секогаш беше присутна во клучните моменти од вашата историја: преку Роберт Бадентер, кој учествуваше во изготвувањето на вашиот Устав, со работата на француските дипломати и војници кои помогнаа да се спречи избувнување граѓанска војна во раните 2000-ти и помош да се склучи Охридскиот договор, и најпосле, во решавањето на вашиот спор со Бугарија, напишал Макрон.

Францускиот претседател исто така го честитал напредокот кој Македонија го постигнала во изминатата 2022 година.

-Одржувањето на првата меѓувладина конференција за пристапување на 19 јули беше голем чекор за Северна Македонија. Го поздравувам и потпишувањето на 26 октомври на договорот Фронтекс со Европската Унија, со кој се признава македонскиот јазик, спомнат без забелешки, што покажува дека постигнатиот компромисен предлог целосно го почитува унитарниот карактер на македонскиот идентитет.

Можете да сметате на мојата целосна и континуирана поддршка во текот на пристапните преговори. Со задоволство наскоро ќе дојдам во Северна Македонија, штом ми дозволи агендата, на датум што заеднички ќе го утврдиме како соодветен во поглед на политичката агенда, стои во писмото од Макрон до Пендаровски.

Слични содржини