Малиот Јане Велковски во ОН се сретна со Дејвид Бекам

од Aleksandar Todeski
Малиот Јане Велковски, кој боледува од спинална мускулна атрофија во салата Обединетите нации во Њујорк се сретна со фудбалската икона Дејвид Бекам пред неговото обраќање на самитот. Како застапник на децата со инвалидитет од Македонија, тој одржа говор на глобалниот самит на УНИЦЕФ во ОН, на прославата за одбележување на Светскиот ден на детото.
Тој пред насобраните испрати порака дека треба да се отстранат бариерите со кои се соочуваат лицата со инвалидитет бидејќи тие сакаат да функционираат самостојно како и сите други.
„Моите родители уште од најмала возраст ме учеа дека можам да правам се што прават и другите деца но на поинаков начин. Како што растев, тоа стана мое правило, да правам се што сакам и да уживам во животот. Одам во училиште, и имам многу пријатели, учам и одам надвор да си играм, но мојата најголема пасија е фудбалот. Го сакам фудбалот уште од најмал, и играм секогаш кога ќе можам. Тој ми дава сила, енергија и ме прави среќен. Фудбалот ми помогна да се борам да добијам терапија, ме поврза со многу славни личности и ме направи голем борец за еднаквост во спортот. Верувам дека секој во светот може да игра фудбал, без разлика како ќе игра, важно е да се биде еднаков и почитуван“, вели Јане.
Тој истакна дека себеси се гледа како еднаков на сите, а така и се однесува. Испрати порака дека тоа е начинот на кој што треба секој да се однесува.
„Ме нервира кога ми оневозможуваат да одам некаде кога нема рампа или транспорт за мене и моите родители ќе треба да ме земат. Кога бев помал родителите ми помагаа, ги тргаа сите препреки кои беа на патот, но сакам да израснам во личност која е независна. Децата како мене сигурно се чувствуваат исто. И би сакал да им кажам да бидат упорни и никогаш да не се откажуваат од соништата. Треба да ги срушат бариерите кога и да наидат на нив и да прават добри работи кои за жал се повеќе недостасуваат. А на возрасните сакам да им кажам, мора да направите се за правата на децата, да се елиминираат бариерите“, рече Јане.

Слични содржини