„Малку е веројатно дека Путин ќе успее да ја окупира Украина“

од Nikola Popovski

Британскиот министер за одбрана Бен Валас изјави во четвртокот во Копенхаген, каде што се одржа донаторска конференција за воена помош за Украина, дека е малку веројатно рускиот претседател Владимир Путин, како што рече, „сега да успее да ја окупира Украина“.

Како што рече Валас, руската инвазија на Украина „забави“ и „почнала да пропаѓа“, објави Гардијан.

Валас истакнал дека борбите се уште траат, но дека Русија слабее во многу области.

„Досега не успеаја и се сомневам дека некогаш ќе успеат да ја окупираат Украина. Нивната инвазија попушташе и постојано се менуваше до тој степен што всушност се фокусираа само на делови од југот и истокот, кои се далеку, далеку од нивната таканаречена специјална операција која требаше да трае три дена“, рече британскиот министер за одбрана.

Како што објасни, тие три дена сега се проширени на повеќе од 150, што е речиси шест месеци и со значителни загуби во опрема и војници.

Коцкањето на Путин

„Путин се коцкаше, мислеше дека во август, по неколку месеци, сите ќе ни здосади овој конфликт и дека меѓународната заедница ќе тргне во различни правци. Но, денес се покажа спротивното“, додаде Валас.

Западните земји во четвртокот ветија дека ќе одвојат повеќе од 1,5 милијарди евра за зајакнување на воените капацитети на Украина во војната против Русија, објави данскиот министер за одбрана Мортен Бодсков.

Оваа помош е договорена на конференција на претставници на 26 земји во Копенхаген, а парите ќе бидат искористени за испорака на оружје, проектили и муниција, како и за зголемување на постојното производство на оружје во Украина, пренесе претходно Ројтерс.

Слични содржини