Малта прва во Европа го легализира канабисот за лична употреба

од Nikola Popovski

Оваа недела Малта ќе стане првата европска земја која ќе го легализира одгледувањето и поседувањето канабис за лична употреба, додека во Европа голем број земји најавуваат измени на законот за наркотици.

Така Малта го престигна Луксембург, кој најави слична иницијатива кон крајот на октомври.

Поседувањето до седум грама канабис ќе биде легално за граѓаните на возраст над 18 години, а ќе може дома да одгледуваат до четири стебла и да се складира сушен производ до 50 грама.

По утрешното гласање на законот во парламентот на Малта, тој ќе биде потпишан од претседателот за да биде усвоен до викендот, изјави за „Гардијан“ надлежниот министер Овен Боничи.

Се наведува дека по оваа иницијатива на Малта, најмалата земја членка на Европската Унија, во 2022 година најверојатно ќе следат реформи ширум Европа. Германија неодамна најави формирање на законски регулиран пазар по најавите на владите на Швајцарија, Луксембург и Холандија. Референдум за ова прашање е планиран во Италија, додека Канада, Мексико и 18 американски држави веќе усвоија сличен закон.

Боничи истакна дека владата не сака да ја поттикнува употребата на „рекреативни дроги“, но, како што додаде, „нема докази за да се тврди дека употребата на канабис сама по себе е начин за користење на појаки супстанци“. Тој нагласи дека му е „исклучително драго што Малта ќе биде првата земја што ќе ги трансформира зборовите во закон на сеопфатен начин со регулаторните органи“.

Промената во пристапот на голем број европски влади уследи по одлуката на ОН во декември минатата година за отстранување на канабисот од списокот на наркотици кои се потенцијално зависни и опасни или имаат мала или никаква терапевтска употреба.

-Со својот пристап, Малта се обидува да избегне криминализирање на употребата на канабис додека воведува одредби насочени кон обезбедување гаранции за намалување на штетноста, рече Боничи.

Слични содржини