Манчевски ја обвини АВМУ: Телма и Алсат-М го немаат прекршено изборниот молк

од Nikola Popovski

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, воопшто не се согласува со поднесените прекршочни пријави од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги против телевизиите Телма и Алсат-М, заради пренесена изјава на министерот за здравство Венко Филипче, за време на изборниот молк.

„Двете телевизии на никаков начин го немаат прекршено Изборниот законик, со оглед на тоа што министерот Филипче изјавата ја дал во својство на министер и во врска со здравствената криза предизвикана од вирусот Covid-19. Дополнително, министерот Филипче не беше на ниедна од кандидатските листи за Предвремените парламентарни избори 2020 година“, пишува Манчевски.

Според него, во време на светска пандемија и редовно дневно информирање од страна на Министерството за здравство во врска со вирусот, за нив како Министерство е несфатливо како регулаторот може да ја смета оваа изјава како прекршување на изборниот молк.

„Ова е само последен од многуте примери за политизација на АВМУ. Но, ова е веќе и тенденција за цензурирање на медиумите, нарушување на правото на граѓаните да добијат информации во однос на кризата, како и директно мешање на АВМУ во изборниот процес. Сега, откако конечно државата ќе добие повторно функционално Собрание, од најголема важност е да продолжат процесите за реформи во АВМУ и МРТВ, кои во претходниот состав беа блокирани од политички мотиви“, соопшти Манчевски.

Слични содржини