Манчевски за МИА: Со политизацијата на администрацијата се уште се бориме, решение начинот на избор на директорите

од Aleksandar Petrovski

Реформите во администрацијата и влијанието што врз тој процес ќе го имаат активностите што следуваат со техничката влада за предвремените парламентарни избори, атрактивноста за вработување во јавниот сектор, плановите за оптимизација на институциите, се дел од темите на кои разговараме со министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Главни исчекори во годината што измина, како што посочи Манчевски во интервјуто за МИА се неодамна пуштениот нов Национален портал за електронски услуги, преку кој наскоро ќе има и електронско запишување во градинка, Електронскиот регистар на население, како и Предлог-законот за висока раководна служба.

Како ја оценувате годината што изминува за Вашиот ресор?

– Честопати кажував дека 2017 и 2018 беа години на фрустрација за мене лично затоа што беа години во кои се подготвуваа доста стратегии, анализи, подготвувавме законски решенија, а 2019 конечно беше година на решенија, испорака, на видливи или конкретни резултати за граѓаните. Особено вториот дел од годината каде што реализиравме неколку крупни проекти и во делот на информатичкото општество и во делот на реформата на јавната администрација, така што апсолутно конечно на крајот на годината можам да кажам дека сум задоволен од тоа што го направивме. Беше мачно, многу тешко, требаше многу работа од сите вработени во Министерството, но и од други институции што се поврзани и со реформата на администрацијата и со информатичкото општество, затоа што, пред сè, сето она што го работиме овде ништо не е проект само на МИОА, туку се хоризонтални системи што треба да ги користат другите институции. Еве, јавноста е сведок, пред неколку дена го пуштивме во употреба новиот Национален портал за електронски услуги, неколку недели претходно Централниот регистар – електронскиот регистар на население, но за тоа да се случи, беа потребни многу работи што не се видливи за граѓаните и под овие системи да се изградат за да можеме на крајот ова да го пуштиме во функција. Го донесовме на Влада и новиот закон за високораководна служба, така што ова се три огромни исчекори во двете области со коишто можеме да кажеме дека успешно ја завршуваме годината.

Што е видливо за граѓаните од сите активности што ги презедовте во изминатиот период од аспект на реформата на администрацијата?

– Јас секогаш велам дека во 21 век реформа на администрација се прави со дигитализација. Овие другите делови некако многу во медиумите и во јавноста зборуваме за тоа, но граѓаните ниту ги гледаат ниту, пак, ако некој ме праша многу ги интересира. Граѓаните ги интересира да добијат ефикасна услуга, брза услуга, да платат помалку за таа услуга и едноставно да им се олесни начинот на којшто ги добиваат услугите. И затоа сметам дека токму овие последните неколку проекти што ги набројав се клучни. Значи, Националниот портал за електронски услуги, Централниот регистар на население, но за да стасаме до тоа ние воведовме и електронски систем за водење управни постапки. Што значи тоа? Сите овие 20-тина институции коишто се поврзани на тој систем управните постапки ќе ги водат електронски, што значи граѓаните многу побрзо ќе ја добијат услугата.

Во делот на давање услуги почнавме и со концептот на сали за една точка за услуги, првата којашто веќе ја отворивме во Скопје и веќе работиме на три нови локации, а тоа се Куманово, Тетово и Охрид, а многу брзо, веќе следната година, и уште неколку други градови, така што концептот е на едно место граѓаните да добиваат услуга од девет различни институции без да имаат потреба да шетаат наоколу низ градовите.

Во делот на реформата на јавната администрација се одредени постапки за вработување, односно при постапката за вработување направивме една анализа и ги скративме речиси сите трошоци коишто кој било граѓанин којшто ќе аплицира за работно место во јавниот сектор претходно ги имаше. Повеќе не се плаќа за тестирање на странски јазик, повеќе не бараме лекарско уверение согласно новиот закон што ни е предложен и веќе е ставен на јавна расправа. Значи, генерално граѓаните да немаат трошоци кога аплицираат за работно место во јавниот сектор. Ова се некои само покрупни работи коишто директно граѓаните може да ги видат.

Веќе в понеделник ќе го промовираме и новиот, јас би рекол, иако е надградба фактички на стариот систем за ЕНЕР, тоа е Електронскиот национален регистар на прописи каде што граѓаните ќе имаат шанса и можност онлајн да дадат иницијатива во форум да се дискутира за одредени иницијативи од одредена институција и ќе може во многу побрзо, па и во реално време да се одвива дебата од одредени иницијативи на одредени институции. Ова ќе овозможи пристап на сите граѓани до овие дискусии, до овие дебати во однос на одредени иницијативи без разлика дали се од страната на некоја институција, но и самите граѓани ќе може да поднесат иницијативи до институциите и сето тоа ќе може да се направи електронски.

Најавувавте дека ќе следува период во којшто администрацијата ќе треба да заборави на употреба на хартија и ќе биде целосно дигитализирана. Кога би се случило тоа?

– За жал, целата администрација тоа го прави, ќе треба многу време и никаде го нема тоа. Но, еве, токму овие чекори што ги наведов поставена е основата и веќе почнуваме во таа насока. Значи, имаме нов документ менаџмент систем, нов систем за водење на управните постапки внатре и имаме зголемување на опфатот на системот за интероперабилност, порталот и Централниот регистар на население. Во овој момент, преку порталот, еве пример ќе земам, преку Националниот портал за електронски услуги, која било институција, без разлика дали е од централната власт, дури и локалната самоуправа ако сака може да издава веб-сервиси, односно електронски услуги на граѓаните. На пример, сега во моментов работиме со МТСП и да најавам дека, еве една од новите услуги која што ќе ја пуштиме во употреба или до крајот на овој месец или веднаш на почетокот на јануари, ќе биде електронското запишување на деца во градинка и ќе важи за сите општини. Она што досега бараше да се оди лично во одредена градинка да се поднесат документи, па листа на чекање итн., сега е електронски. Но, на овој начин ја оневозможуваме и корупцијата. На пример, сега не се работи за некаква голема можеби корупција, но некои граѓани во одредени општини и во одредени градинки се соочуваа дека некој успеваше на чуден начин да ги премине на листата за чекање. Сега веќе тоа нема да е возможно. Значи, електронски ќе се води постапката, секој ќе има увид раководното лице до каде е со документ менаџмент системот и со новиот електронски систем за управување со управните постапки, ќе се знае каде е заглавен одреден документ во која служба, зошто е тоа така и ќе може да се веднаш реагира. Така што, ова се дел од работите коишто сметам дека и во следниот период цело време ќе може да ги надградуваме. Ова е процес којшто никогаш нема да заврши затоа што нови технологии излегуваат, нови услуги се појавуваат, но има и некои услуги коишто, ние направивме анализа, се од таква природа да не може да бидат дигитализирани. Многу важен дел на Националниот портал за електронски услуги е Каталогот на услуги. Значи, и тоа беше една мачна работа на голем тим на правници, нема врска ова со ИТ, со технологија, значи беше потребно од сите закони коишто постојат, буквално од сите закони, да се извадат сите управни постапки, сите услуги коишто ги нудат сите институции на граѓаните и на фирмите. Такви идентификувавме над 1.300, па услугите се извлекоа од законите, се ставија во Каталогот каде што се многу просто опишани – каде треба да се поднесе одредено барање, колку тоа чини, во каква форма, кој треба да им одговори, во колкав рок треба да им одговори, каде може да се жали ако нешто не е како што треба и тоа веќе е објавено на Националниот портал за електронски услуги.  Од тие 1.300, околу 700 се веќе детално опишани услуги, работиме и за неколку месеци ќе можеме да ги комплетираме сите 1.300, а тие сите во моментот 127 услуги се нудат електронски преку Националниот портал за електронски услуги. Дел, сигурно уште неколку стотици е возможно да се дигитализираат и ќе ги нудиме електронски, но дел е невозможно затоа што таква е природата на постапката на документите тоа да се прави електронски.  Сметам дека имаме, особено споредбено со другите држави, одличен старт во однос на број  на услуги и квалитет на услуги. Имаме услуги коишто се често барани од граѓаните и сега се достапни електронски и овој број драматично ќе расте во текот и на следната година.

До каде се активностите за оптимизација на бројот на институции со евентуално спојување, укинување?

– Во моментов се одвива ИПА-проект којшто е финансиран од страна на ЕУ. Се работи за странски експерти, меѓународни експерти коишто во моментов се во Министерството и работат токму на оваа анализа заедно со нашите експерти. На крајот на јануари ќе излеземе со нов Предлог на закон за организација на органите на државната управа којшто е основниот закон којшто го поставува институционалниот сет-ап –поставеноста на институциите. Во тој закон веќе ќе можеме да ги видиме насоките во коишто ќе се движиме. Дел од анализите се веќе завршени, еве јас можам веќе и да кажам во одредени сектори анализите се завршени. Во делот на инспекциските служби како пример само ќе земам од постоечките некаде да кажеме грубо околу 25 инспекторати коишто постојат, се работи за инспекциски служби и за друг тип на институции, но овде не ги вбројувам УЈП и слични други институции коишто исто така вршат инспекциска служба но не се инспекции, но од овие што се водат официјално како инспекторати од 25 анализата која што ја завршивме ни покажува дека треба да се сведат на 13. Ова не значи укинување на дел од нив, значи спојување, значи поголема ефикасност, значи дека нема потреба сите да постојат како посебни институции. Значи зголемување на инспектори, но поголема рационализација на делот на административните служби. Само давам пример, на каков тип на операција е ова и што очекуваме откако таа ќе заврши, но исто така да најавам дека откако ќе се донесе тој општ закон, потребни ќе се месеци и месеци за да се спроведе таа реорганизација затоа што ќе биде потребно да се усогласат стотици закони со овој основен и општ закон. А со оглед на тоа што доаѓаат уште и изборите и оваа постапка ќе се води во Собранието, апсолутно е јасно дека се потребни неколку месеци за да ова се спроведе и во реалност.

Законот за организација на органите на државната управа е со двотретинско мнозинство, значи ќе треба да имаме поддршка и од опозицијата и ова ќе биде навистина тест за сите пратеници во Собранието без разлика од која политичка партија се дали навистина и искрено сакаат да се заведе ред во општиот хаос којшто постоел три децении во институциите или само се зборува едно јавно, а сосема нешто друго е намерата кога ќе дојде во делот на имплементацијата.

Сметате ли дека сè уште администрацијата е најатрактивно место каде што младите сакаат да се вработат и успеавте ли да ја измените сликата за партизираност?

– Не мислам дека успеавме, работиме на тоа. И токму законот за високораководна служба ни е првиот чекор каде што сакаме видливо да покажеме разлика. Од каде? Од начинот на којшто се бираат директорите, затоа што бидам искрен, политизација не може да дојде од некој којшто е најниско во хиерархијата, туку мора од тој што ја раководи институцијата. Ако граѓаните се сигурни дека низ една ваква транспарентна постапка слично како што се бираше Антикорупциска комисија се избере една комисија која што ќе ги бира директорите на институциите ќе ја спроведува постапката за избор и ќе одредува најдобри три кандидати за кој било конкурс за избор на директор и Владата ќе може да бира само од тие три најдобри кандидати, сметам дека навистина ќе направиме огромен исчекор во дел на деполитизација на јавниот сектор.

Колку е атрактивно за вработување за младите? Според анкетите што ги правиме, но и се гледаат, сè уште е доста атрактивно иако, еве од мое лично искуство, доаѓам од приватен сектор, и еве сега имам искуство и од јавен сектор, апсолутно е поатрактивно особено во последно време во приватен сектор затоа што и платите стануваат повисоки и веќе се повисоки во приватниот сектор. Добро е за искуство, особено во јавната администрација што работи во министерствата имаме недостаток на квалитетен кадар и на стручен и на луѓе што се млади високообразовани со желба да останат и да сработат нешто. За жал, платите се тие какви што се, работиме на зголемување на платите цело време, еве и првпат после долго време се зголемија платите и во јавната администрација оваа година, ќе следи тој тренд и во следната година. Но, навистина е едно, морам да кажам, извонредно искуство, не секогаш е платата мотивација за сите луѓе, овде може многу да се научи, има многу комуникација со меѓународни институции, можете да бидете вклучени во делот на евроатлантската интеграција, со НАТО, со ЕУ. Од тој аспект има навистина многу и многу работа, премногу што да се работи. Но, повторно сметам дека решението за проблемот за вработеноста на младите е приватниот сектор, не е јавниот сектор. И со трендовите коишто ги гледаме на зголемување на бројот на отворени работни места имаме рекордно високи бројки, рекордно ниска невработеност и со она што знам дека во иднина ќе се случува само од најавени инвестиции во државата веќе се доведуваме во ситуација дека голем број на странски инвеститори имаат и проблем да најдат работна сила. Така што пазарот на трудот ќе си го направи своето и мислам дека за, не преку ноќ, но за една до две години веќе ќе имаме сменето мислење и помеѓу младите во државата.

Со каква бројност на администрацијата ќе ја завршиме годината, има ли зголемување во изминатиот период на нови вработувања со оглед и на критиките од опозицијата дека ја партизирате и ја полните сега во периодов пред стартот на техничката влада?

– Опозицијата цело време критикува. Не е пред техничка влада. Овие избори не требаше да се случуваат сега, беа планирани за декември. Но, цело време сме сведоци на критики од опозицијата и кога немаше никаква идеја за кога ќе бидат изборите. Вработувањата во институциите се прават цело време. Се сеќавате, сме биле и заедно на многу прес-конференции каде што цело време, особено новинарите прашуваат за вработувањата. Ама да констатираме дека тоа е константно, не е пред избори. Вработувањата се вршат согласно потребите на институцијата. Ние во Министерството немаме увид кои се потребите на секоја институција посебно. Во државата има 1.300 институции. Но, што е дефинитивно различно? Ако порано сме биле сведоци на драстично зголемување преку ноќ на бројките, ние во 2017 година за првпат во историјата имавме намалување една година во однос на претходната. Минатата година имавме одредено минимално зголемување ама зборуваме дека се движиме од прилика во истите рамки. Значи, не станува збор за случај како што правеше ВМРО-ДПМНЕ во 2015 година донесоа закон за трансформација на работниот однос од определено во неопределено. Илјадници луѓе, четири до пет илјади луѓе преку ноќ одеднаш им се трансформираше работниот однос од привремен, значи без никаков мери систем, без проаѓање преку процедурите во Агенцијата за администрација, без административна селекција, без интервју, без ништо добија статус на административни службеници. Значи, апсолутно не се согласувам дека исто се прави што се правело и порано. Значи, имаме ситуација во која што – да, институциите особено, еве ги гледам анализите, министерствата имаат огромен недостаток. Органите на државна управа, централната власт има недостаток од стручен и квалитетен кадар. Јавниот сектор има проблематични места и тие се веќе многу видливи и ние ќе ги објавиме. Нели рековме и ќе им понудиме на тие луѓе трансфер во приватен сектор итн., ама да бидеме исто, не знам јас сум по професија инженер, да работиме врз база на анализи и бројки. На пример, бројот на вработени во јавниот сектор во однос на вкупниот број на вработени кај нас соодносот е 19 проценти. Европскиот просек е 17. Значи, ние не сме далеку од европскиот просек, ние сме тука некаде. Во земјите во коишто граѓаните се најзадоволни од услугите што ги добиваат од јавниот сектор овој процент е значително повисок. Факт е, тоа се многу богати земји, да. Ама имаме скандинавски земји каде што над 25, 27, 28 отсто и 30 отсто е бројот на вработени во јавниот сектор во однос на вкупниот број на вработени. Така што, бројноста – да имаме проблем во одредени сектори и на одредени места, но некаде имаме недостаток. Да – треба да се намали затоа што не верувам дека можеме да го пополниме недостатокот заради едноставно немањето на соодветен кадар на пазарот на трудот, а да – треба да најдеме решение на она што е вишок да повторно тие луѓе  не останат без работа и тоа е нашата цел, туку да си го најдат своето место во приватниот сектор каде што сега се појавува недостатокот на работна сила. На 31 декември се прави пресекот согласно Законот, тоа е наша законска обврска и се објавува во Годишниот извештај за вработените во јавниот сектор така што набрзо ќе го соопштиме тој број, меѓутоа пресекот според Законот мораме да го направиме на 31 декември за оваа година.

Очекувате ли да заживее Вашата идеја за префрлање вработени од јавниот во приватниот сектор?

– Апсолутно. Овие процеси се паралелни. Значи, анализата што ја правиме, новиот закон за организација на органите на државна управа, значи некаде кон крајот на јануари ќе излеземе со некои поконкретни бројки, ситуации и пакети. Ние во текот на следната недела ќе имаме уште еден работен состанок со стопанските комори и со синдикатите уште еднаш да ги исконсултираме предлозите за начинот на којшто би се извршил трансферот, отворени сме и за нови сугестии, не мора да е само тоа што ние го предлагаме и јас сум навистина убеден дека ова е, барем не сум слушнал за друго, едно од ретките решенија во кое што не би требало да има губитници. Значи, ниту луѓе да останат без работа, приватните фирми да си го најдат својот интерес и потребата за работници, ние да ја намалиме сумата на пари што се дава за плати за вработените во јавниот сектор.

На почетокот на новата година ќе добиете заменик од редовите на опозицијата. Каква соработка очекувате и како целото ова предизборие ќе се одрази на реформите во овој ресор со оглед и на пораките од бизнисот дека треба да се преиспита до кога ќе се применува овој концепт затоа што, според нив, замира целокупната активност во економијата?

– Мислам дека повеќе е психолошки ефектот затоа што согласно закон ништо не се менува. На пример, ако гледаме од аспект на бизнисот, сè што е во Годишниот план за јавни набавки на која било институција постапките и процедурите си течат, дури и додека траат изборите, не само во овој предизборен период, туку и во самата кампања. Не може да се менуваат годишните планови за јавни набавки и тоа е единственото ограничување. Сè друго, ама апсолутно сè друго функционира како да нема избори во делот на бизнисот. Во делот на овие другиве реформи без разлика дали има… и ова не е техничка, ние ја викаме техничка, оваа е некој нов состав на влада, Пржинска влада не е ни техничка, имаме некој вид на дополнителна контрола од страна на претставници на опозицијата и тоа ние го баравме кога бевме во опозиција. Знае понекогаш одредени реформи можеби да ги забави, но повторно Собранието е функционално. Значи, до 12 февруари Собранието е функционално. Еве гледате, јас зборувам и за некои работи што ќе се случуваат сега на крајот на јануари и тука не гледам некаков проблем. Така што, зависи на крајот на денот и од луѓето кои ги водат институциите и кои ќе дојдат од опозицијата, но, не гледам ако навистина сите сме чесни и искрени во пристапот. Од наша страна знам дека ќе имаат апсолутно отворена врата, пристап до сите информации коишто им требаат документи согласно законот така како што е, немаме што да криеме, отворено и транспарентно како што сме кон граѓаните, ама апсолутно подеднакво па и повеќе во однос на некој што ќе дојде дополнително како заменик-министер овде. Од тој аспект не очекувам некакви проблеми, туку сметам дека повеќе е психолошки моментот, го сфаќам тоа што го велите и во однос на бизнисите и на граѓаните.

Да бидам искрен, овој Пржински модел на влада беше наменет заради тоа што бевме во политичка криза тогаш и затоа воведовме, не требаше да биде системско решение. Но, по барање на опозицијата ќе кажам, па еден вид и уцена пред референдумот затоа што ова беше ставено како предуслов за да воопшто се формира ДИК тогаш затоа што имаа дадено оставка членовите, ВМРО-ДПМНЕ бараше дека мора да има Пржинска влада и мора да се финансираат партиите директно од Буџет со Законот за финансирање на партии да воопшто дозволат да се направи ДИК за да има референдум. И ова го кажувам често и јавно и така е. Опозицијата тогаш за пари на некој начин се откажа од некаква борба како што велеа ќе се борат за зачувување на поранешното уставно име.

Која е Вашата новогодишна порака до вработените во јавниот сектор?

– Прво, секој да си ја работи својата работа, да си ги завршуваат обврските навреме и граѓанинот е секогаш на првото место – ако треба ние и три дена нема да спиеме. Второ, ако тоа се случи дека сигурно ќе го подобриме и имиџот којшто го имаат вработените во јавниот сектор и администрацијата кај граѓаните којшто за жал е нарушен заради одредени поединци, заради мал процент на луѓе коишто не ја работат својата работа. Инаку, генерално како и во секоја приватна фирма секаде има луѓе коишто подобро работат и луѓе коишто помалку добро работат, но впечатокот за жал е таков иако на сите анкети, па, луѓето се задоволни од услугите што ги примаат од јавната администрација. Трето, дека сепак одиме во предизборие и сакам јавно да им порачам и ним и на сите раководители на институции никој да не помисли да врши притисок од политички аспект врз вработените во јавниот сектор, а доколку тоа се случи, веднаш да пријават. Ние имаме и алатка којашто ја воведуваме пред секои избори за пријавување каква било форма на притисок што би ја чувствувале на работното место. Тоа апсолутно не смее да се случува и сметам дека нашата држава заплови веќе во една сосема друга насока, каде што немаме проблем со основните демократски вредности. И четврто, можеби и најважно, на крај им посакувам здравје, среќа, љубов, многу успех во работата и следната година уште многу, многу нови електронски услуги.

Слични содржини