МАПА: Ресен и Штип имаат највисока стапка на заразени од Ковид-19

од Берта Китинска

Институтот за јавно здравје денеска го објави неделниот извештај за периодот од 6 до 12 јули, што покажува значително зголемување на бројот на оздравени лица, а намалување на бројот на починати споредено со претходната недела, соопшти Министерството за здравство.

Во периодот од 6 до 12 јули регистриран е рекорден број на оздравени лица – 1.017 кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 404 лица или 40 отсто повеќе од претходната недела на известување (29 јуни – 5 јули).

Новозаболени се регистрирани во 26 градови, при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (42,3 отсто) и во Тетово (8,9 отсто). Во 16 града во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.

Од новозаболените во овој период најголем процент се лица над 60 години 22,8 отсто, поголем број новозаболени се регистрира кај лица на возраст од 30 до 39 години – 20,1 отсто, потоа кај лица од 50 до 59 години – 19,3 отсто и од 40 до 49 години – 18,8 отсто. Најмал број на новозаболени има кај децата и тоа на возраст до девет години – 3,7 отсто, и од 10 до 19 години – 3,3 отсто од вкупниот број новозаболени.

Според место на постојано живеење/ повремен престој, случаи на COVID-19 се регистрирани во 32 градови/ЦЈЗ низ државата. Најголем дел регистрирани во Скопје, Тетово и Куманово, додека највисок морталитет се регистрира во Струга, Тетово и Куманово. Од градовите каде што е регистриран поголем број на случаи највисок ,морталитет е  регистрира во Струга .

Највисока кумулативна инциденца на 100.000 жители се регистрира во Штип со 867,6 и Ресен со 843,9 заболени на 100.000 жители, Скопје (627,9/100.000), Куманово (604,1/100.000), Свети Николе (573,3/100.000), Дебар (544,0/100.000), Струга (484,9/100.000), Тетово (436,0/100.000), Охрид (404,6/100.000), Прилеп (315,8/100.000) и Велес (306,4/100.000), додека инциденца со над 150 заболени на 100.000 жители е регистрирана во Пробиштип, Гостивар и Кочани (Табела 2, Картограм 1).

 

 

Слични содржини