Марфи: Постои нова отворена врата кон ЕУ, С. Македонија да покаже дека е сериозна за членството

од Vladimir Zorba

Северна Македонија е голем пријател на САД и е земја кон која прво се обраќаме кога ни е потребна помош, ние сме партнери во борбата за заштита на суверенитетот на Украина и треба да се осигураме дека Русија ќе ја плати цената за бруталната агресија таму, рече американскиот сенатор Крис Марфи во гостувањето во ТВ Сител.

-Партнери сме во поддршката кон нашите сојузници од Авганистан. Ние сме и економски партнери зашто се повеќе компании од САД доаѓаат во Северна Македонија за разлика од било кога претходно, а сега сме официјално и безбедносни партнери, рече Марфи.

Тој додаде дека сега Северна Македонија има директна безбедносна гаранција од САД.

-Следниот чекор е јасен, а тоа е Северна Македонија да се приклучи во Европската Унија. Ова е поважно од било кога зашто Русија се заканува на Европа и САД, а Кина делува се поагресивно насекаде низ светот. Односите Европа-САД се највитални досега. Така што, ако сте партнер на САД од Европа, мора да бидете дел од Европската Унија сега. Ова е најважно во моментов, истакна сенаторот од САД.

Тој додаде дека тука е за да се осигури дека САД прават се што е можно за да и помогнат на Северна Македонија кон ЕУ и да ги охрабри лидерите да направат тежок избор, кој е неопходен со цел да се стигне до ЕУ.

-Знам дека има дилеми дали некогаш Северна Македонија ќе влезе во Унијата. Можам да ви кажам дека кризата во Украина е можност, бидејќи ЕУ сега гледа дека е под закана и сака да ја внесе Украина во ЕУ, но не може да ја внесе Украина без да ги внесе земјите од Балканот. Така што, има нова отворена врата и сега е моментот кога Северна Македонија треба да покаже дека е сериозна кон приклучувањето во ЕУ, зашто ако се направи чекор наназад таа врата може да се затвори. Тоа е пораката која ја донесов овде, рече Марфи.

Слични содржини