Маричиќ: Преговорите со ЕУ ни носат финансиска и макроекономска стабилност

од Nikola Popovski

Денеска во Брисел продолжува билатералниот скрининг состанок за Поглавје „Финансиски услуги“, во рамки на Кластерот 2, „Внатрешен пазар“. На почетокот на состанокот заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, укажа дека процесот на преговори со ЕУ и скринингот, како прва фаза од процесот, води до стабилен, побезбеден и поефикасен финансиски систем.

– Усогласувањето со стандардите на ЕУ во областа на банкарството, осигурувањето, пазарот на капитал и инвестициските услуги ќе обезбеди долгорочна правна и финансиска сигурност, што е во интерес на финансиските институции, потенцијалните инвеститори, но пред сè на граѓаните, рече главниот преговарач со ЕУ, Маричиќ.

Според денешната скрининг агенда македонскиот преговарачки тим презентираше за степенот на усогласување и имплементација на законодавство на Унијата во Поглавјето 9, „Финансиски услуги“, за областите: осигурување, финансиските пазари и хартии од вредност, работењето и надзорот на финансиските институции, антикоруптивните мерки во областа финансиски услуги, како и за начинот на соработка на органите надлежни за надзор на финансискиот пазар.

Утре ќе започне билатералниот скрининг за Поглавје 28, „Заштита на потрошувачи и јавно здравје“ кој ќе трае два дена, а во петок ќе се одржи билатералниот скрининг состанок за Поглавје 2 „Слобода на движење на работници“.

Финансиските услуги се од големо значење за доброто функционирање на внатрешниот пазар на ЕУ како еден од темелите на европската интеграција. Најважната цел на правото на ЕУ во областа на финансиските услуги е обезбедување финансиска стабилност на компаниите кои работат во финансискиот сектор и соодветна заштита на потрошувачите, инвеститорите и осигурениците, стои во соопштението од Секретаријатот за европски прашања.

Слични содржини