Маричиќ демантира: Мојот дедо цел живот носеше лузна добиена во нацистички логор

од Nikola Popovski

„Згрозен сум од обидот преку тенденциозни и опасни лаги да се наруши мојот и угледот на мојата фамилија. Несфатливо е како во 2021 година сè уште во јавноста, без трошка совест и одговорност се објавуваат вакви наслови“, објави министерот за правда, Бојан Маричиќ, откако дел од медиумите блиски до опозицијата објавија текст со наслов „Таткото на Бојан Маричиќ сликан гордо со статуата на Хитлер и книгата Мојата борба“.

Според министерот, тој и целата негова фамилија, единствено се горди на нашите дедовци кои си ги жртвувале животите на фронтовите токму во борбата против фашистите, „а таткото на мојот татко, мојот дедо, носеше целиот свој живот лузна добиена при неговиот престој во нацистички логор“.

„Во објавата на порталот „Република“ се пренесува пост од социјалните мрежи, а во содржината тенденциозно е изоставен делот во кој татко ми под неговата фотографија направена во Документацискиот центар за нацизмот во Нирнберг пишува „Култот уште живее ама само во вакви музеи кои служат за опомена“. Повеќе од јасно дека станува збор за предупредување дека со градењето на култови кон личности светот и државите можат повторно да се соочат со зло какво што беше фашизмот. За жал, токму фашистите за своите пропагандни цели се служеа со тенденциозни лаги и невистини“, стои во објавата на Маричиќ, кој додава дека е свесен дека едноставно се работи за обид за негова дискредитација пред најавената интерпелација од опозицијата и уште повеќе поради почетокот на длабинските реформи во правосудството.
„Ваквите ниски напади само дополнително ме мотивираат да продолжам уште понапорно да работам за доброто на државата и граѓаните“, заклучува Маричиќ.

Слични содржини