Маричиќ од Брдо: Реформите испорачани – ЕУ да го врати проширувањето на својата агенда

од Берта Китинска

Министерот за правда Бојан Маричиќ се обрати во двете работни сесии на средбата на министри, која се одржа во рамки на министерскиот форум за правда и внатрешни работи ЕУ-Западен Балкан, во Брдо – Крањ, од каде испрати порака дека проширувањето на ЕУ треба повторно да биде ставено во фокусот.

-На овогодишниот декемвриски самит на Советот, се надевам на отпочнување на процесот на проширување, со донесување консензуална одлука за отворање на пристапните преговори и одржување на Првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија, кажа Маричиќ после споделувањето на се она што е реализирано во рамки на Стратегијата за реформа на правосудството пред колегите од Западен Балкан и претставниците на ЕУ меѓу кои и еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс.

Набројувајќи ги сите усвоени клучни стратешки документи за понатамошно подобрување на работата на судиите/обвинителите како и обезбедување на нивната независност од потенцијалниот надворешен и внатрешен притисок, министерот за правда најави дека веќе е во процес на изработка нова Стратегија, за периодот 2023-2027 година.

Во делот на владеењето на правото и реформите кои се однесуваат на процесот на создавање независен, непристрасен и ефикасен судски систем кој ги исполнува европските стандарди, министерот за правда Маричиќ се задржа на важната улога на Академијата за судии и јавни обвинители во процесот на спроведување на почетната обука и континуираното професионално усовршување на судиите и обвинителите во Република Северна Македонија.

-Мој личен став како министер е дека примарно и најважно што можеме да преземеме за да се испорача правдата и нашите граѓани да имаат доверба во нашите правосудни системи е да вложуваме во квалитетна и професионална обука на професионалците кои влегуваат во правосудниот сектор, потенцираше Маричиќ.

Во фокусот се најде и дигитализацијата на судството за која Маричиќ рече дека е повеќе од потребна во борбата против корупцијата.

-Кога се дигитализираат повеќе процеси, се намалуваат шансите за човечко влијание. А тоа, според мене, дава дополнителна вредност на целиот процес и напори што ги правиме. За тоа ни се потребни судии, обвинители и судска администрација кои постојано ќе се надоградуваат следејќи ги програмите и обуките на Академијата за судии и јавни обвинители, што е и една од задачите на Академијата-заклучи Маричиќ.

На крајот, министерот за правда испрати порака дека направивме позитивни промени во правосудството во духот на европските вредности и дека очекува ЕУ партнерите да го наградат тоа давајќи им на Северна Македонија и Албанија датум за отпочнување на преговорите.

Слични содржини