Маричиќ: Пресудата за сообраќајката кај Млечен преиначена во затворска казна од две години

„Пред започнување на емисијата добив неофицијална информација дека Апелацискиот суд во Скопје донел пресуда за сообраќајната несреќа кај Млечен ресторан, со две години затвор и две години забрана за управување со возило. Такви конкретни чекори се неопходни, тоа е, знаете, случај за кој многу се зборуваше јавноста. Ние не можеме да влијаме на судските пресуди, власта е поделена и тоа мораме да го почитуваме, но тоа не значи дека судската и обвинителската власт се изолирани и не може да им се врши јавен притисок за поуспешна работа.“- информираше министерот за правда, Бојан Маричиќ, во емисијата Анализа 24 на телевизија 24, зборувајќи за реформите во судството.

Станува збор за сообраќајната несреќа од октомври 2018 година, што ја предизвика Васил Чорбаџиев кога со неговиот џип недозволено пресекол две ленти на коловозот и завртел во правец во кој не е дозволено. Од неговото невнимание настрада Гоце Димитриевски кој во моментот на несреќата управувал со мотор. Неговата сопруга Наташа се здоби со тешки телесни повреди и го загуби плодот.

Првостепениот суд, лани во септември го осуди Чорбаџиев на условна казна што предизвика силен револт кај роднините на жртвите и кај целата јавност. Пет месеци по таа пресуда Апелацискиот суд ја преиначил првостепената пресуда и одредил двегодишна затворска казна.

Слични содржини