Маричиќ: Со Јадранско-јонската иницијатива политички и економски го јакнеме регионот

од Nikola Popovski

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и Национален ИПА координатор, Бојан Маричиќ, денес учествуваше на седмиот годишен Форум на макро-регионалната Стратегија на ЕУ за јадранскиот и јонскиот регион (EUSAIR), кој се одржува во Тирана, Албанија.

На заедничкиот Министерски состанок, министрите задолжени за фондовите на ЕУ, членките на ЕУСАИР и министрите одговорни за ЕУ, на акој очествуваше Маричиќ, беа разменети добри практики, беше споделена политичката визија и насоката на спроведувањето на ЕУСАИР, како и приоритетите за реализација во следниот период.

– Инструментите како ЕУСАИР се додадена вредност на процесот на проширување каде што земјите-пристапнички во ЕУ се претставени на рамноправна основа со земјите-членки на ЕУ и воспоставуваат позитивна соработка меѓу нив и ги пренесуваат добрите практики и искуства во регионот на Западен Балкан, истакна вицепремиерот Маричиќ.

Маричиќ потенцирајќи го значењето на оваа стратегија за соработката и синергијата помеѓу земјите во поширокиот Јадранско-јонски регион, истакнувајќи ја потребата од уште поблиска соработка меѓу европските земји, за зајакнување на односите на ЕУ и нејзините земји-членки со земјите од Западен Балкан и што е најважно, забрзување на процесот на пристапување во ЕУ за регионот.

– Посилниот и поотпорен Западен Балкан сам по себе води кон посилен и поотпорен јадрански и јонски макро-регион, што ја прави Евопската Унија посилна и поотпорна, додаде Маричиќ.

Вицепремиерот и Национален ИПА координатор учествуваше и на панел – дискусијата посветена на европската интеграција на Западен Балкан и Зелената агенда.

Во однос на зелената агенда која произлегува од Европскиот зелен договор, вицепремиерот Маричиќ истакна дека Владата се погрижи клучните реформи кои произлегуваат или се меѓусебно поврзани со Зелената агенда да бидат интегрирани во клучните плански документи, како оние поврзани со помошта од ЕУ, односно Стратешкиот документ ИПА III, како и во релевантните национални стратегии за претстојниот период.

– Реалното спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан е можно преку спроведување конкретни активности и иницијативи на национално и на локално ниво преку реформи кои бараат големи финансиски средства – од националните буџети, како и поддршката што ја дава ЕУ преку ИПА и другите инструменти со кои располага останува да биде најсигурен извор на финансирање, посочи Маричиќ.

Тој потенцираше дека Економскиот и инвестициски план на ЕУ предвидува значителен износ за проекти на земјите од Западен Балкан за транзиција кон зелена енергија, климатска акција и други сектори, како и дека новиот пакет ИПА III за програмскиот период 2021 – 2027 година издвојува околу 100 милиони евра за нашата земја, надополнети со други извори достапни преку регионалните инструменти и дополнети со други јавни и приватни инвестиции.

– Со оглед на околностите во Европа и војната на континентот, мораме да го земеме предвид влијанието на прераспределбата на средствата на ЕУ за Западен Балкан во помош за Украина, што сигурно ќе ја намали финансиската поддршка за инвестициската агенда. Ова бара од нас да се прегрупираме и да ги поставиме приоритетите за да се адаптираме на најновата финансиска состојба на ниво на ЕУ, рече вицепремиерот Маричиќ

На состанокот беше усвоена и Декларација во која еден од анексите потврдуваат дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан претставува геостратешка инвестиција во стабилна, силна и обединета Европа и ги препознаваат досегашните напори на Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ врз основа на процесот на пристапување заснован на заслуги и условеност, со барање за охрабрување на земјите-членки на ЕУ да го забрзаат патот кон ЕУ за земјите од Западен Балкан, особено со одредување датум почеток на преговорите со Албанија и Северна Македонија за време на француското претседателство, како и доделување на кандидатски статус на Босна и Херцеговина што е можно поскоро.

Северна Македонија стана дел од Стратегијата за Јадранско-јонскиот регион во 2020 година, и активно учествува во регионалната соработка.

Слични содржини