Маричиќ за „Политика“: Директно ќе возвратиме на чинот на пријателство што го покажа Србија

од Nikola Popovski

„Северна Македонија и Србија имаат традиционално добри односи, благодарение на исклучително блиските односи што ги негуваат граѓаните на овие земји. Таа блискост е богатство што ние, политичарите, треба да го следиме и одржуваме. Двете земји имаат одлична економска соработка, а блиските односи се докажани уште еднаш, за време на пандемијата. Србија беше првата земја од која пристигнаа вакцините, а ние тоа особено го почитуваме. За нас, тоа е чин на солидарност“, изјавил министерот за правда, Бојан Маричиќ, во интервју за српска „Политика“.

Тој најавил дека нашата земја ќе возврати со соодветна мерка на помошта од Србија.

„Премиерот Заев веќе објави дека српските граѓани кои ќе патуваат во Северна Македонија, или се во транзит низ нашата земја, веројатно ќе бидат ослободени од наплатата на патарина во знак на благодарност и на тој начин директно ќе возвратиме на покажаниот чин на пријателство од Србија. Верувам дека добрите односи понатаму ќе се развиваат, имајќи ги предвид регионалните иницијативи во кои двете земји се активно вклучени. Премиерот Заев и претседателот Вучиќ веќе работат на уште поголеми врски меѓу двете земји преку проектот „мини-Шенген“, а тоа е уште еден доказ за пријателството и блискоста на луѓето од двете земји“, навел Маричиќ.

Маричиќ известил дека нашата влада ги тргнала рацете на тие што се мешаат во судството.

„Во нашата земја, Судскиот совет сега спроведува модел на филтрирање на судиите и судовите, така што ќе бидат идентификувани сите оние кои се решени да не работеле за правда, односно дека биле под нечие влијание. Веќе имаме 12 разрешени судии, за кои се утврди дека постапувале непрофесионално, влијаеле на застареноста или заштитиле некого. На овој начин ќе се врати довербата на граѓаните во судството, која исто така ќе биде заштитена од какви било влијанија“, изјавил министерот во интервјуто.

 

Слични содржини