Марковски за „Локално“: Вакцината не е решение за излез од пандемијата

од Берта Китинска

По речиси една година во С.Македонија повторно се воведе полициски час. Овој пат рестрикциите во движењето ќе траат две недели односно до 22 март. За инфектологот, професор и доктор Вело Марковски  рестриктивните мерки од типот на полициски час, забрана за движење, карантин…поркај тоа што не даваат никаков ефект во справувањето со пандемијата, немаат ни научна поддршка.

-Не може да се спречи ширење на горно респираторна инфекција со вакви мерки. Од друга страна мерките кои во изминатиов период се спроведуваа најчесто беа под импресија на јавното мислење или со други намери, немаа за цел намалување на бројот на заболени, и со самото тоа не ни постигнаа намалување на бројот на новоинфицирани. Но, постигнаа вероjaтно ефект што некој го очекуваше, а тоа е силен удар врз економијата и силен удар врз човековите права. Во исто време пораз на медицината каков досега не е виден, враќање на научните медицински сознанија за најмалку 100 години, и во лекувањето и во превентивните мерки. Се избриша инфектологијата и епидемиологијата, доктрини прават сите само не тие што се најповикани, а тоа се инфектолозите кои работат со респираторни инфекции, вели професорот за „Локално“.

Инфектологот смета дека новата мерка е апсурдна и дека со нејзиното воведување нема да има промена во епидемиолошката состојба во земјава.

-Ефект на што? Која е целта? Што се очекува? Ако се мисли дека ќе се намали бројот на новозаразени, нема да има никаков ефект, впрочем сигурен сум дека и тие што ја предложиле таа мерка се сосема свесни за апсурдноста на вакви мерки, и воопшто не очекуваат да има промена во епидемиолошката состојба, вели Марковски.

Потребни се вистински и точни информации за бројот на новозаболени

-Недостасува транспаретност и изнесување на вистински и точни информации за бројот на новозаболени во однос на позитивни на ПЦР тестот, и после година дена инсистирање на правење на серолошки тестови и серолошки скрининзи со кои би била многу појасна епидемиолошката состојба, серопозитивноста во одредени групи и во општата популација, вели професорот.

Според него без овие информации, како и информациите за движењето на останатите инфективни болести (грип, ринитис, тонсилофарингити, скарлатина…) не може да се направи анализа за тоа што сме поминале и што не очекува.

Вакцината не е решение за излез од пандемијата со ковид 19

-Карантин, односно карантински мерки се оправдани за спречување на карантински болести. Карантинските болести се пратени со висока смртност, од 30-70%, и тогаш навистина е оправдано да се спроведува се што е на располагање за спречување и намалување на смртноста, и тоа без пардон, со војска полиција, со се. За болест која е со смртност помала од 0,5% се неоправдани, погрешни, смешни сите мерки.Не дај боже да бидеме сведоци на појава на карантинска болест (вариола вера, колера, жолта треска, ебола, марбург и останати хеморагични трески…) Од друга страна вакцината не е решение за излез од пандемијава ни во држави со 30-50% комплетно вакцинирање, а камоли кај нас со неколку илјади дози. Впрочем никој, ни СЗО, ни ЦДЦ ни производителите, никој не кажува дека со вакцината ќе прекине пандемијата. И понатаму ќе продолжат општите превентивни мерки и ќе се чека природно повлекување на САРС Ков-2 вирусот или природен колективен имунитет. Стана практика, за зголемен број на позитивни да се обвинува народот. Уредно вакцинирани со две дози вакцини, не биле дисциплинирани и затоа се разболувале!!! Досега ова не е видено, вакцините штителе во огромен процент над 95 %, а од друга страна немале сериозни несакани дејства. Сега, иако рано е и се уште нема научни трудови, но евидентно е дека има смртност како последица на вакцините, како и на сериозни здравствени проблеми. За вакцината за вариола вера (болеста оди со 70% смртност) е дозволиво еден умрен на милион дози вакцини. Сега и најоптимистичките извештаи укажуваат дека има повеќе умрени од неколку на милион дози вакцини, а се работи за болест која е пратена со ниска смртност, објаснува инфектологот.

Строги мерки само ако здравствените капацитети се исполнети

Пикот кај нас во Македонија беше во октомври и ноември, вистински врв со огромен број на заболени во однос на позитивните и со висока смртност. Строги рестриктивни мерки според мене се оправдани само ако здравствените капацитети се исполнети. Мерки кои не се логични и кои не се сфатливи за поголемиот дел од населението само прават конфузија, смета Марковски.

Во однос на тоа дали треба да се забрани движењето во Градскиот парк, како и Водно поради групирање на младите без држење на дистанца, инфектологот објаснува дека многу мали се шансите за да се заразиме на отворено.

– Сигурно дека на отворено не се шири ниедна горнореспираторна инфекција освен во ретки случаи на близок или директен контакт. Од друга страна, се занемарува реалната опасност на ширење на инфекцијата во затворен простор (автобуси, јавни собири, фабрички сали). Исто така мора да се следи и епидемиолошката состојба со останатите горнореспираторни инфекции. Не е можно оваа година да немавме ни една друга респираторна инфекција, иако познато е дека годишно во еден регион има 3-4 пати појава на обична настинка (над 200 вируси), можно е да немаме грип (се јавува на 1,2 или три години), но чудно е да нема микоплазма инфекции, стрептококни респираторнии инфекции. Да заклучам, забрана за движење на отворено, во парк, во планина сигурно нема за цел спречување на ширење на некоја инфекција, туку ограничување на движење човекови права или нешто трето, вели тој.

Б.М.

 

Слични содржини