Марш за нашите животи! СТОП за 3500 жртви од загадениот воздух

од Ивана Рамаданова

За 20 декември во 17 часот е најавен нов протестен марш во Скопје, за кој здруженијата за чист воздух и животна средина се обединија за да го организираат. И овој протест како претходниот, ќе почне пред Министерството за животна средина и ќе заврши пред Владата на СРМ.

„Се бориме за живот од ден за ден. Умираме во илајдници годишно од загаден воздух. Мутираме, пренесуваме на поколенијата болести поради сеопфатната загаденост во која живееме, во која се раѓаат нашите деца. Белите дробови ни се зацрнети, иако не сме сите пушачи. Живееме во време на еколошка катастрофа. Се бориме за својот живот низ цела држава, против каменоломите над нашите глави чија прашина нè гуши, постојаните експлозии ни ги ронат домовите, против рудниците чии вековни отрови ќе останат да стојат над нашите земјоделски полиња, домови, против малите хидроцентрали кои ни ги земаат нашите реки кои пресушуваат за нас, против уништувањето на единственото светско природно и културно наследство кое го имаме, едно од 39те во цел свет, против изумирање на езерата, против уништување на шумите, против депониите на секој чекор, против отровните чадови кои постојано се шират од нив, против канцерогениот дим од запалените кабли и гуми, против игнорирањето на Ромите кои живеат во пост-апокалиптични услови во нашето непосредно соседство, против зградите кои никнуваат околу нас и ни го одземаат хуманиот живот, … се бориме секој ден со сите еколошки катастрофи кои ни се случуваат во земјава“, се вели во нивното соопштение.

Здруженијата побараа да се исполнат основните предуслови за да се покаже дека навистина нашите животи значат, дека илјадници прерано починати и заболени се причина нашите животи да станат приоритет на оваа држава.

„Нашите над 100 барања се тие предуслови со кои власта ќе покаже дека навистина СМЕ приоритет, НИЕ, НАШИОТ ЖИВОТ и ЗДРАВЈЕ. Ова е Марш за нашите животи низ цела земја, Скопје, Битола, Тетово, Велес, Гостивар, Струмица, Ново Село, Иловица, Штука, Струга, Охрид, Возарци, Кавадарци, Чифлик, Демир Капија, Жировница, Лабуништа, Шлегово, Пробиштип“, велат здруженијата за чист воздух и животна средина.

Слични содржини