Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, изјави дека Европската Унија не може да воведе санкции врз претседателот на Република Српска, Милорад Додик, бидејќи сите земји-членки не се согласуваат со тоа. Таа истакнува дека е тешко да се преговара за патот кон ЕУ со Босна и Херцеговина бидејќи земјата не ги исполнува своите обврски.
Во интервју за Радио Слободна Европа, Кос зборуваше за ситуацијата во Босна и Херцеговина, откако беше прашана дали го гледа Милорад Додик како некој со кого може да се разговара за процесот на пристапување во ЕУ.
„Тешко е да се справиш со некој што не го прави најдоброто во интерес на својата земја БиХ. И тешко е да се справиш со некој што оди против територијалниот интегритет, суверенитетот и уставниот поредок. И тоа е една од причините зошто сè уште не сме во можност да отвориме преговори со БиХ, иако БиХ има статус на кандидат, но поради внатрешнополитичката ситуација, тие не можат ниту да го назначат главниот преговарач“, рече Кос.
Таа додава дека владата во Босна и Херцеговина „не е во можност да ја стави на хартија реформската агенда што би им овозможила да добијат една милијарда евра од Планот за раст на ЕУ“.
„Значи, сега навистина работиме на тоа“, рече таа.
Сепак, Кос гледа надеж кога станува збор за процесот на преговори поради соработката на опозицијата.
„И засега има некои светли точки, имено дека во РС постои опозиција која станува поконструктивна, а тоа би можело да биде пробив во процесот на преговори.“
Зборувајќи за санкциите за Додик поради неговото деструктивно однесување, Кос рече дека тоа не е изводливо бидејќи не се согласуваат сите земји-членки на ЕУ за тоа.
„Земјите-членки не се обединети по прашањето за санкциите против Додик“, рече таа кратко.