Мас: Мирни протести во САД се повеќе од легитимни

од Vladimir Zorba

Мирните протести во Соединетите држави се „разбирливи и повеќе од легитимни“ по смртта на Џорџ Флојд, оцени денеска германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас.

„За нас … правилото е дека мирни протести мора секогаш да бидат можни, но тие мора да бидат мирни“, рече Мас на прес-конференција со украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеб.

На прашањето на новинарите за протестите во неколку американски градови во врска со смртта на Џорџ Флојд за време на бруталното апсење во Минеаполис, Мас изрази надеж дека „овие мирни протести нема да доведат до ново насилство“ и дека „протестите ќе ги подобрат работите во Соединетите држави“.

„Мирната мобилизација на која сме сведоци во Соединетите држави, заедно со бројните трогателни гестови од американските полицајци, е разбирлива и повеќе од легитимна“, рече шефот на германската дипломатија.

Министерот додаде дека неговите служби контактирале со американските колеги за да ги дознаат „точните околности“, откако полицијата во Минеаполис нападнал репортер на Дојче веле, кој известувал од протестот.

„Новинарите мора да ја завршат својата работа без да ја ризикуваат сопствената безбедност“, рече Мас, кој верува дека „демократските држави мора да ги применат највисоките норми кога станува збор за заштита на слободата на печатот“.

Американскиот претседател Доналд Трамп вети воспоставување ред во Соединетите држави, каде се одржуваат протести во повеќе градови поради смртта на Афроамериканецот, и се закани дека ќе ја користи армијата.

Трамп се соочува со најсериозните граѓански протести за време на неговиот мандат бидејќи стотици илјади Американци демонстрираат поради убиството на 25 мај на Џорџ Флојд за време на бруталното апсење во Минеаполис, кога бел полицаец сега обвинет за убиство, Дерек Шовин, го притисна коленото до вратот и го држеше во таа позиција скоро девет минути додека не престане да се движи, иако Флојд молеше за воздух и зборуваше дека се гуши.

Слични содржини