Тајландски спортист и поранешен војник пукал во својата невеста и уште три лица пред да се самоубие на денот на неговата венчавка, соопшти полицијата за Би-Би-Си.
Чатуронг Суксук (29) и Канчана Пачунтхуек (44) се венчале во саботата во североисточниот дел на Тајланд.
Според извештаите, тој нагло ја напуштил свадбената веселба и се вратил со пиштол, пукајќи во сопругата, нејзината 62-годишна мајка и нејзината 38-годишна сестра.
Залутани куршуми погодиле двајца гости, кои биле пренесени во болница. Еден од нив починал, пишува Би-Би-Си.
Полицијата за Би-Би-Си изјавила дека Чатуронг „во тоа време бил прилично пијан“, но мотивот за злосторството останува нејасен. Тој легално ги купил пиштолот и муницијата минатата година, додаваат тие.
Тајландските медиуми, цитирајќи го она што посетителите на венчавката го кажале на полицијата, велат дека парот се скарал за време на веселбата. Исто така, беше објавено дека Чатуронг се чувствувал несигурен поради разликата во годините меѓу него и Канчана.
Сепак, полицијата соопшти дека тоа се шпекулации, додавајќи дека собрале докази и очекуваат „наскоро“ да го затворат случајот.