Маск го распушти Управниот одбор и се назначи за единствен директор на „Твитер“

од Берта Китинска
180 прегледи

Американскиот милијардер и сопственик на Space X и Tesla Motors, Илон Маск, се именуваше за нов извршен директор на Twitter, откако го распушти одборот на директори и најави ново реструктуирање.

Американскиот весник Вашингтон пост објави, повикувајќи се на извори блиски до Маск, дека неговиот тим планира да отпушти околу 25 отсто од работниците во првиот круг од реструктуирањето, пишува Гардијан.

Познатиот адвокат Алекс Спиро, долгогодишен правен застапник на Маско, ги водеше дискусиите за претстојните отпуштања.

Откако ја презеде контролата врз Твитер минатата недела, Маск ги отпушти главните директори на компанијата, вклучувајќи го извршниот директор Параг Агравал, финансискиот директор Нед Сегал и шефот за правни прашања и политика Виџеј Гад.

Маск, исто така, го распушти одборот на директори на Твитер и се назначи себеси за единствен член на одборот, се вели во поднесокот до американската Комисија за хартии од вредност.

Маск подоцна објави на Твитер дека распуштањето на одборот е „само привремено“.

Тој претходно ја додаде титулата „главен твит“ во својата биографија на Твитер, алудирајќи на неговата нова улога во компанијата.

Маск минатата недела ја презеде контролата врз оваа социјална мрежа за повеќе од 44 милијарди американски долари.

Слични содржини