Серџо Матарела беше реизбран за претседател на Италија. Ова се случи pri осмото собраниско гласање.
Кога беше постигнат кворумот од 505 гласа, со кои Серџо Матарела беше реизбран за шеф на државата, салата на парламентот беше исполнета со продолжен аплауз. Тој доби вкупно 759 гласови, што е еднакво на 76% од 983 пратеници и сенатори кои гласаа.
По втор пат во историјата на Италијанската Република се реизбира претседател. Така му се случи на неговиот претходник Џорџо Наполитано. За време на прогласувањето од страна на парламентот на Серџо Матарела за шеф на државата, покрај претседателската палата помина мала поворка со автомобили, од кои граѓаните го скандираа неговото име.
Откако претседателите на Комората и на Сенатот Роберто Фико и Елизабета Казелати го претставија резултатот од гласањето во специјално уредена сала во „Куринал“ палатата, Серџо Матарела му се заблагодари на парламентот за укажаната доверба.
„Тешките денови за избор на претседател за време на вонредната состојба што сè уште ги доживуваме од здравствена, економска и социјална страна бараа чувство на одговорност и почитување на собраниските одлуки. Под овие услови не можеме да ги избегнеме обврските на кои сме повикани, кои мора да надвладеат над личните размислувања, посветени на очекувањата и надежите на нашите сонародници“, рече Матарела.
Се очекува Матарела да положи заклетва на 3-ти февруари, кога истекува неговиот прв мандат.
За време на гласањето, лидерот на Лига, Матео Салвини и неговиот сопартиец, актуелен министер за економија и многу важна политичка фигура, Џанкарло Џорџети, изјавија дека е потребна нова фаза за владата, а министерот планира да поднесе оставка. Се известува дека има раскол во десниот политички простор, во Демократската партија и во „Пет ѕвезди“.
Експертите сметаат дека по претседателското гласање ќе се прилагодат политичките и владините слоеви.