Матевски: Или извинување или тужба за клевета за лагите за работата на РЕК Битола

од Nikola Popovski

Никој, а најмалку политичка партија која РЕК Битола го третираше како златна кокошка, не смее да шири лаги и невистини за работата на комбинатот од која зависи судбината на Македонија. Барам извинување од Антовски во рок 24 часа, во спротивно РЕК Битола ќе поднесе тужба за клевета.

Вака изјави денеска директорот на РЕК Битола Пеце Матевски и порача дека доколку ВМРО-ДПМНЕ има какви било индиции за незаконско работење, наводите да ги достави до надлежните институции, а не од партиска говорница, како што рече, да шири лаги и манипулации за работата на Комбинатот.

-Секој што ќе излезе на партиска говорница со цел да ја оцрни работата на над 2.000 луѓе во РЕК Битола мора да има барем ронка одговорност за јавно кажаното, вели Матевски.

Тој потенцира дека на последниот јавен повик за избор на фирма за ископ во рудникот Брод – Гнеотино, се јавиле не една, туку две фирми. Договорот, нагласува, е склучен согласно сите законски процедури.

Стефан Антовски денеска повтори дека РЕК Битола склучува „коруптивен договор  во висина од 20.000.000 евра. на тендерот со еден понудувач  „Марковски- компани“, а само за споредба кога имало конкуренција за истата намена во 2021 година РЕК Битола платиле 13.000.000 евра што е за 7.000.000 евра помалку“.

-Договорите кои ги објавуваме сведочат за тоа како преку семејната фирма на синдикалниот лидер Менде Фидановски „КОМПАКТ МСФ“ ДООЕЛ Битола се испумпуваат народни пари од РЕК Битола. Фирмата учествува на тендер во РЕК Битола и го добива тендерот. За тоа сведочат договорите од 21.6.2022 година и од 26.8.2022 година. Разликата од оние договори од 2020 година е што тогаш тие се потпишувани од сопругата на Менде, а во 2022 година од синот, бидејќи како награда,  сопругата на Менде веќе е вработена во РЕК Битола, рече Антовски.

Слични содржини