Матиќ: Титулата со Јунајтед е мојата најголема желба

од Stefanija Kuzmanovska

Судејќи според подготвителниот период, Немања Матиќ ќе освои место во стартните 11 на Манчестер Јунајтед.

Клубот од „Олд Трафорд“ во сабота на 14 август ќе се сретне со екипата на Лидс во првото коло од Премиер лигата, а Матиќ ќе има сериозна задача.

Во последната проверка со Евертон, го одигра првото полувреме, беше во улога на дефанзивен играч од средниот ред чија задача беше да ја заштити бековската линија, но тој беше и првиот што иницираше акции и брзо да ги проигрува соиграчите.

Впечаток е дека направи одлична работа бидејќи Јунајтед, кој славеше со 4:0 во тие први 45 минути, одигра беспрекорно.

Искусниот играч за врска сега очекува овој тим на Јунајтед да го продолжи својот подем по второто место минатата сезона и пласманот во финалето на Лига Европа.

„Мислам дека направивме чекор напред. Како што е познато, на крајот не освоивме трофеј во Лига Европа, но сепак напредувавме и тимот напредуваше. Оваа сезона треба да се натпреваруваме за секој трофеј и конечно да освоиме нешто, затоа што ни е потребен тој еден трофеј. После тоа, ние веруваме дека ќе биде полесно, тимот мора да ја почувствува таа победничка енергија. Задоволен сум како се развиваат работите“, изјави Матиќ за клупскиот магазин „Inside United“.

Тимот на Оле Гунар Солскјер значително се засили ова лето.

Голманот Том Хитон се врати, пристигна Џејдон Санчо од Борусија Дортмунд, а обезбедено е доаѓањето на искусниот стопер, Французинот Рафаел Варан.

„Најважно е сите да видат дека сме напредувале и дека играме се подобро и подобро, особено сега кога имаме добар тим. Имаме два или тројца врвни играчи на секоја позиција. Сите ние мора да бидеме позитивни и нашата цел е да освојуваме трофеи“, истакна Србинот.

Тој вели дека најважното натпреварување за него е Премиер лигата.

„За мене, Премиер лигата отсекогаш бил најважниот трофеј, барем јас така мислам. Се разбира, секогаш е убаво да се натпреварува во Лигата на шампионите и да играм со најдобрите европски тимови, но јас лично сакам да ја освојам Премиер лигата со Јунајтед. Ако тоа се случи еден ден, ќе бидам многу, многу среќен“, заклучи Матиќ.

Слични содржини