Мециновиќ: Посетата на гробот на Хоџа е подавање на рака за соработка помеѓу Левица и младите албански левичари

од Vladimir Zorba

Целта на посетата на вечното почивалиште на албанскиот комунистички државник е за подавање на рака за соработка помеѓу Левица и младите албански левичари. Тие во овој момент ги потиснува клеро-фашистичката политичка култура на сецесионизам и деструктивност која се наметнува преку партиите на албанското малцинство во Република Македонија, вели за Локално портпаролот на Левица, Амар Мециновиќ .

Енвер Хоџа, вели тој, е симбол на антифашистичкиот отпор на нашите соседи против италијанската окупација и „затоа и не е за изненадување реакцијата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, како партии кои ги слават Ванчо Михајлов и Цар Борис Трети“ и „се обидуваат да ја избришат жртвата на македонските партизани и нивната борба против фашистичките окупатори“.

Амар Мециновиќ

Амар Мециновиќ

-Левица, како последна кочница пред бугаризација и федерализација на Република Македонија нема да дозволи да се исполнуваат туѓи агенди за повторно поробување на државата под фашистичко влијание преку рехабилитација на нашите историски непријатели како врховистите и балистите, истакна Мециновиќ.

Портпаролот без одговор на прашањето дали очекува губење на поддршка од граѓаните, со оглед на широко распространето мислење на граѓаните за неговата политика кон Македонците во Албанија.

Претставници на Левица вчера го посетија гробот на албанскиот диктатор Енвер Хоџа, по повод годишнината од неговата смрт и објавија неколку фотографии на официјалната Фејсбук страница на партијата.

Бројни се реакциите од јавноста, повеќето негативни.

На социјалните мрежи веќе може да се прочитаат пораки како „предавници, самоубиство од заседа, автогол“ во врска со посетата.

„Професоре да се поклонувате пред диктатор е невидена катастрофа“, „Не ни знаете кој бил Хоџа и како во негово време живеел народот во Албанија.Срамови!“, „Знаете на кои маки и страдања им го донесе животот на Македонците во Мала Преспа“, „Дали бевте на гробовите на Глигоров и Трајковски“ итн. се само дел од коментарите на граѓаните.

Најголемите македонски партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ја осудија посетата на Апасиев.

-Фолирантот Апасиев не може во исто време да се поклонува на Енвер Хоџа, и да го бара родното место на Гоце Делчев. Шизофрената позиција водена од дневните потреби на власта за ПР, Апасиев го одведе до таму да го слави комунистичкиот диктатор, велат од Белата Палата.

Според СДСМ, оддавањето почит на партиска делегација е само потсетник за тоа колку оваа партија е радикално вљубена во режим.

-Левица е иста како ВМРО-ДПМНЕ. Воспева тоталитаристички лидер, кој својата земја со децении ја има затворено, уназадено и меѓународно изолирано. Левица е радикална партија поддржувач на авторитарни режими и во тоа е иста како ВМРО-ДПМНЕ, партијата што и сама имаше инсталирано режим во нашата држава, истакнаа од владејачката партија.

Н.П.

Слични содржини