Членките на Обединетите нации синоќа со големо мнозинство ја изгласаа резолуцијата со која се бара итен прекин на огнот во Газа, ослободување на сите заложници кои ги држи Хамас и неограничен пристап за испорака на итно потребна храна за два милиони Палестинци кои поради израелската агресија живеат во ужасни услови. Гласањето во Генералното собрание, кое брои 193 члена, се одржа вчера и заврши со 149 гласа „за“, 12 „против“ и 19 „воздржани“, вклучувајќи ја и Македонија, која, заедно со Албанија, беа единствените земји од регионот кои не гласаа „за“ резолуцијата. Резултатот од гласањето бил дочекан со громогласен аплауз во салата. Колку за потсетување, и во септември 2024 година, Македонија беше воздржана кога Генералното собрание на ОН со големо мнозинство ја поддржа необврзувачката палестинска резолуција со која се бара Израел да го прекине своето „незаконско присуство“ во Газа и окупираниот Западен Брег во рок од една година.
Дел од македонската политичка сцена активно се противи на ваквата надворешна политика на државата. Левица во неколку наврати се обидуваше да издејствува осуда за израелската окупација, но и признавање на Палестина за независна држава. Според опозициската партија, вчерашното гласање во ОН покажа дека Владата и нејзините челници се, како што велат, бескрајни лицемери и мали, сервилни државници кои се впишуваат пред сѐ себе, а потоа и сите нас, во најсрамните страници на историјата – поддржувајќи геноцид експлицитно, спротивно на речиси целиот свет.
Портпаролот и пратеник на Левица, Амар Мециновиќ бара од премиерот Христијан Мицкоски да се изјасни зошто излажа дека неговата Влада е за решението со две држави додека неговото мнозинство го блокира носењето декларација за признавање на државата Палестина, а потоа и министерот Тимчо Муцунски за тоа што ја прекинуваме, како што вели, праксата на гласање заедно со европскиот блок баш на ваков најгрозоморен начин.
-Дали ќе следи прекин и на традиционалното гласање на Македонија по други точки на Генералното Собрание на ООН, поради желбата на Мицкоски да се експлицира како најверен слуга на најмрачните империјални интереси, прашува Мециновиќ во изјава за „Локално“.
Портпаролот на Левица е дециден дека македонскиот народ не сака неговите државници да бидат „тапанари“ на војната и противници на мирот.
-Македонскиот народ сочувствува со страдањата на Палестинците, како и на сите останати угнетени народи во светот, констатира Мециновиќ.
Левица уште претходно информираше дека е заглавена предлог-Декларацијата за признавање на Палестина. За дополнување на дневниот ред со предлогот гласал само пратеникот од Левица, како член на собраниската Комисија.
-Сите останати пратеници од партиите ДПМНЕ, СДС, ДУИ и ВРЕДИ не гласаа за оваа предлог-Декларација, со што дефакто ја докажаа нивната ЛИЦЕМЕРНОСТ во однос на геноцидот кој се случува врз палестинскиот народ! Кога голем број европски земји јасно го осудуваат теророт на израелскиот режим, кога дури 70% од државите во светот ја имаат признаено Палестина како држава – македонските партии одбираат да премолчат и да ја одберат страната на агресорот. Односот кон палестинското прашање е длабоко втемелен во историјата на македонската држава, која почива врз темелите на правото на самоопределување на сите народи и градење МИР и сојузи меѓу државите. Срамно и понижувачки е да се гледа како сите партии, освен Левица, БЛОКИРААТ дискусија за палестинското прашање, како прашање кое ги проблематизира основните цивилизациски вредности, каде цивилно население е изложено на брутални воени злосторства од ционистичкиот режим, рекоа пред повеќе од еден месец од опозициската партија.
Премиерот Христијан Мицкоски го поддржува решението со две држави за Израел и Палестина – барем вака соопшти турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на заедничка прес-конференција со Мицкоски кон крајот на февруари годинава.
-Заедно со нашиот пријател Мицкоски говоревме за Украина и за Газа, говоревме за универзалните и за регионалните стратешки проблеми. И тука разменивме одредени мислења и за нас клучно е во Украина да се формира и натаму разговор и мирно да се разреши овој проблем. Понатаму, во Палестина имаме заедничко мислење да се формираат две држави, истакна Ердоган.
Американскиот претседател, Доналд Трамп претходно во изјави за медиумите истакна дека таканареченото „решение со две држави“ е мртво. На прес-конференцијата одржана со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, претседателот Трамп беше прашан: „Само што кажавте дека мислите дека сите Палестинци треба да се преселат во други земји. Дали тоа значи дека не го поддржувате решението за две држави?“, на што одговори: „Тоа не значи ништо за две држави или една држава или која било друга држава. Тоа значи дека сакаме да имаме – сакаме да им дадеме на луѓето шанса за живот. Тие никогаш немале шанса за живот бидејќи Појасот Газа беше пеколна дупка за луѓето што живеат таму. Беше ужасно. Хамас го направи тоа толку лошо, толку лошо, толку опасно, толку неправедно кон луѓето… И морам да нагласам, ова не е за Израел, ова е за сите на Блискиот Исток — Арапите, муслиманите — ова е за секого„, истакна Трамп.
Н.П.