Медиуми: Ангела Меркел не претерува -„Ние сме во револуција – повеќе мртви, помалку слобода“

од Nikola Popovski

Германската канцеларка Ангела Меркел ја нарече пандемијата на коронавирус како најголем предизвик од Втората светска војна.

„Таа не претерува“, сметa уредникот на ДВ, Мартин Муно. И притоа, „тaa не издава наредби, туку апелира на нашиот разум“.

„Од Втората светска војна немаше ваков предизвик за нашата земја, во која нашата заедничка солидарност е толку важна“.

Германската канцеларка Ангела Меркел не е склон на предавање. Тревзена, аналитички, воздржана во својот избор на зборови – таа зборува така дури и за најголемите политички предизвици – исто како вистински научник. И секогаш со оптимизам, како во време на бегалска криза: „Ќе успееме“.

Значи, ако една жена која е на чело на германската влада повеќе од 14 години, за првпат надвор од обичајот за новогодишниот говор преку националната телевизија, директно ќе им се обрати на граѓаните , и кога ќе направи историска споредба со војната во која загинаа 55 милиони луѓе и ја остави Германија во урнатини- тогаш навистина нешто драматично се променило, јавува Дојче веле.

Експоненцијално ширење на вирусот

Веќе сите гледаме: затворени училишта, детски градинки и продавници, цели претпријатија кои своите вработени ги испраќаат на принуден одмор или на работа од дома, панично купување и трупање залихи, социјални ограничувања почнувајќи од сторнирање летувања па до карантин, сето ова го обележува нашето секојдневие. Во разговорите во семејствата, меѓу пријателите и познаниците речиси нема друга тема освен коронавирусот.

На големината на опасноста укажуваат математичарите кога зборуваат за експоненцијално ширење. На почетокот на март во Германија имаше 130 инфицирани со Ковид-19, денес се преку 11.000. Темпото на распространување значи одговара на прогнозите на научниците. Ако продолжи ваквото темпо, набрзо ќе биде премината границата од 100.000 или дури ќе достигне милиони, при што овде не зборуваме за црни бројки. И уште: пандемијата не е само национална, туку светска закана.

Повеќе мртви, помалку слобода

Непријатното, а тоа го спомена и канцеларката, е што со неколку недели принудна пауза ова нема да заврши: „Следните недели ќе бидат уште потешки“.

Ќе има уште повеќе мртви, енормни економски штети и можеби дури и социјални раздвижувања.

И, ние ќе мора да се откажеме од некои слободи, но не како цел, туку поради тоа што е нужно. За нас како општество, сеедно каде живееме, тоа е огромен предизвик. Но, може да биде и шанса. Уште сега малиот вирус фрла интензивно светло врз нечуената глупавост на големите популисти, погледнете ги само видеата на Доналд Трамп. Уште сега учиме дека можеме да комуницираме поинаку, видеотелефонијата станува секојдневие. Чувствуваме дека сите ние на некој начин припаѓаме заедно, дека солидарност и меѓу странци е нешто што носи добро чувство, па дури и ако внимателноста кон другиот се состои само во тоа да ја преминеме улицата за да избегнеме директен контакт.

ДВ

Слични содржини