Неодамнешните случувања поврзани со палењето на македонското и албанското знаме во земјава и вчерашното оштетување на важен канал во северно Косово, според првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити се тенденција за дестабилизација на регионот.
„Во регионот има тенденции за дестабилизација на ситуацијата. Истото се случи и во Митровица со водоводот, со терористичкиот акт, а и овде има сили кои сакаат да го дестабилизираат. Очигледно беше дека ноемвриските празници се прославија како никогаш досега, почнувајќи од свечената седница на Владата, а завршувајќи со централната манифестација на плоштадот „Скендербег“. Како прв вицепремиер на Владата го повикувам населението да се смири, да се надмине оваа состојба и со голема одговорност велам дека секој што го прекршил законот, ќе одговара пред органите на правдата“, рече денеска Меџити, меѓу другото.
Меџити вели дека истото што било преземено за оние кои го сквернавеле македонското знаме, ќе се преземе и за оние кои го сквернавеле албанското знаме. Вицепремиерот денеска порача дека побарале дисциплински мерки и за полицаецот од Куманово кој го симна албанското знаме од бандера, при тоа качувајќи се на службеното возило.
„Никој нема да биде испрашуван или да одговара за прославата или кревањето на државното знаме или други знамиња, но сите што сквернавеле ќе одговараат. Како што беше направено со оние кои го уништија државното знаме, истото ќе се спроведе и во Прилеп со оние кои го сквернавеа албанското знаме, а исто така побаравме да се преземат и дисциплински постапки и да се преземат мерки за одговорност за полицаецот во Куманово кој наместо да го чува редот, се вклучи во нешто што не е во негова надлежност. Тоа е одговорност на општината или на јавното претпријатие кое ги поставува и ги отстранува знамињата, а во овој случај не беше така“, рекол Меџити.
Денеска првиот човек на полицијата, Панче Тошковски информира дека МВР ќе преземе соодветни дејствија против полицаецот кој го симна албанското знаме од бандера. Уште вчера неговиот заменик, Астрит Исени на својот Фејсбук-профил објави дека ќе има дисциплинска постапка против службеникот. Како што вели, секој службеник на МВР има обврска да ги почитува законите и симболите на сите заедници во Македонија.