Медведев: Апсурдна е идејата да се казни земјата со најголемиот нуклеарен арсенал во светот

од Stefanija Kuzmanovska

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев денеска зборуваше за употребата на нуклеарно оружје, однапред отфрлајќи ја можноста Москва да биде санкционирана од страна на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за наводни воени злосторства извршени од Русија во Украина.

„Самата идеја да се казни земјата која има најголем нуклеарен арсенал во светот е апсурдна сама по себе“, истакна Медведев на Телеграм.

Медведев, кој е потпретседател на влијателниот руски Совет за безбедност, додаде дека таквата идеја потенцијално претставува закана за човештвото.

МКС ги истражува наводите за воени злосторства извршени во Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари.

Ниту Русија, ниту Украина не се членки на МКС, но Киев ја прифати јурисдикцијата на судот и соработува со обвинителството на истрага за можни злосторства против човештвото извршени на украинска територија.

Русија вели дека наводите за воени злосторства се лажни, а рускиот претседател Владимир Путин ја оправда инвазијата велејќи дека Украина врши „геноцид“ на истокот на земјата.

Слични содржини