Медведев го „отпиша“ Ѓоковиќ за УС Опен

од Nikola Popovski

Најдобриот светски тенисер Данил Медведев го „отпиша“ српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ од последниот грен слем во сезоната УС Опен, кој ќе се одржи од 29 август до 11 септември.

По елиминацијата од Ник Кирјиос во второто коло на Мастерсот во Торонто, Медведев зборуваше за фаворитите на УС Опен и не го спомена Ѓоковиќ.

„Во петок ќе отпатувам за Синсинати, со цел целосно да се аклиматизирам. Се надевам дека таму ќе играм подобро, бидејќи сакам да бидам во добра форма за УС Опен. Знам дека ќе има голема конкуренција со Алкараз, Надал, Циципас, ќе видиме дали Зверев ќе се врати“, рекол Медведев, а пренесува порталот „Убитенис“.

Најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ како невакциниран странец не може да влезе на американско тло, па затоа не може да се натпреварува на последниот грен слем во сезоната.

Голем број јавни личности, политичари и самите тенисери апелираа до американскиот претседател Џо Бајден да направи исклучок и да му дозволи на Ѓоковиќ да се натпреварува во Њујорк.

Новак на УС Опен го брани финалето , додека Медведев и понатаму е актуелен шампион.

Интересно е што Русинот до крајот на следната недела би можел да го загуби првото место на АТП листата, а тоа ќе се случи доколку испадне пред четвртфиналето во Синсинати, под услов Надал да ја освои титулата на тој Мастерс.

Слични содржини