Меган Маркл продуцент на нова анимирана серија за деца на Нетфликс

од Stefanija Kuzmanovska

Британската војвотка Меган подготвува анимирана семејна серија за стриминг платформата Нетфликс и ќе биде извршен продуцент на серијата, објави нејзината продуцентска куќа.

Компанијата „Аркевел продукција“, основана од Меган со нејзиниот сопруг, принцот Хари, во изјавата вели дека серијата ќе се фокусира на авантурите на 12-годишно девојче, инспирирани од разни влијателни жени од историјата.

Серијата наречена „Pearl“ е една од првите официјално објавени од Нетфликс и британската двојка, позната како војводата и војвотката од Сасекс. Договорот беше постигнат минатата година, откако тие ги напуштија кралските должности и се преселија во Калифорнија.

„Како и многу девојки на нејзина возраст, нашата хероина Перл е на патот на самооткривање, бидејќи се обидува да ги надмине секојдневните животни предизвици“, рече Меган Маркл во изјавата.

Датумот на почеток на серијата не е објавен.

Меган Маркл и Дејвид Фурниш, сопругот на британскиот пејач Елтон Џон, ќе бидат извршни продуценти на серијата. Елтон Џон е близок пријател на Хари и Меган и настапи на нивната венчавка во 2018 година

Слични содржини