Мехмедовиќ: Имаме тренд на намалување на трансмисијата на вирусот, во моментов нема мутации кои треба да не загрижуваат

од Маја Анчевска

Караванот за вакцинација сеуште трае и рано е да носиме заклучоци за тоа дали ефектот е задоволителен или не е. Треба да се има во предвид дека не постои едно магично решение кое ќе го реши проблемот со нискиот процент на вакцинација на населението. Пред да започне караванот за вакцинација беше иницирана и сеуште е активна мерката за информирање, потсетување и закажување на вакцинацијата за граѓаните на возраст над 65 години и оние кои се под оваа старосна граница но, имаат неколку коморбидитети, вели во разговор за „Локално“, д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисија за заразни болести, додавајќи дека се потребни уште многу иницијативи  со кои  ќе се смени состојбата со незадоволителниот процент на вацинирано население.

Мехмедовиќ е дециден дека ковидот нема еднаква распространетост на картата на светот, а оттука  различни земји  и локални власти имаат различен пристап во решавањето на проблемот со висока трансмисија на вирусот во заедницата.

– Кина реши да ги „затвори“ неколку големи градови со цел да ја намали трансмисијата на вирусот и тоа е пристапот на нула ковид стратегијата која кинеските власти ја практикуваат од почетокот на пандемијата. Пристапот во останатиот дел од светот е поинаков, веќе подолг временски период нема „затворање“ на градови во Европа и светот, пристапот се базира на адаптирање на мерките во зависност од оптовареноста на здравствениот систем, нивото на трансмисија на вирусот и процентот на вакцинација и прележаност на населението, односно колективниот имунитет. Затворањето на градовите во Кина не значи почеток на нова криза, тоа е нивен пристап на справување со вирусот. Тоа е сосема различна стратегија од онаа што ја применува останатиот дел од светот, вели Мехмедовиќ.

Според д-р Мехмедовиќ рекомбинантните варијанти не се невообичаени и Делтакронот не е првата, а нема да биде и последената што ќе се појави.

– Тоа се случува секогаш кога сме во период на преминување од една доминантна варијанта во друга и само мал број на случаи на Делтакрон досега идентификувани, сепак, сè уште нема доволно податоци за сериозноста на оваа варијанта. Треба да внимаваме на однесувањето на оваа рекомбинантна варијанта во однос на нејзината преносливост и способност да ја избегне имунолошката заштита предизвикана од вакцината или прележување на болеста, но тоа не значи дека оваа варијантата треба да е причина за паника. Во нашата земја доминантен е Омикрон, според последниот извештај 94.7% случаи се ВА.2, а 5.3% случаи се ВА.1 варијанта на Омикрон, информира тој.

Мехмедовиќ смета дека во моментов има само една т.н варијаната на загриженост-Омикрон.

– Не постојат варијанти на интерес, односно варијанти кои се потенцијални варијанти на загриженост. Варијанти кои се мониторираат се три и ниту една од нив не покажува потенцијал да биде закана налик на онаа каква што беше и сеуште е Омикрон. Заклучокот е дека во моментов нема мутации кои би требало да не загрижуваат, и да се надеваме дека така и ќе остане. Потребно е да се интензивира вакцинацијата на целокупната популација и да се стимулираат граѓаните кои се постари од 65 години, како и оние кои имаат помалку од 65 години но, имаат коморбидитети да се вакцинираат со трета бустер доза. Тоа е оптималниот пристап во моментов кога е во прашање вакцината, пристап кој е во насока на заштита на здравјето и животот на граѓаните, додава докторот.

Во моментов  докторот посочува дека имаме тренд на намалување на трансмисијата на вирусот.

– Во извештајот на ИЈЗ за периодот од 21.03.2022г. до 27.03.2022г. нотирано е дека се регистрирани сe 1.696 нови позитивни случаи од 33 градови во државата, со намалување од 7,5% во однос на минатата недела. Хоспитализирани биле 82 лица (24,8% помалку во споредба  со  претходна  недела),  од  нив  33  се  на  кислородна  поддршка  (32,7%  помалку  во споредба со претходна недела), а 1 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација (66,7% помалку во споредба со претходната недела, посочува портпаролот на КЗБ.

Комисијата за заразни болести внимателно ја следи состојбата во светот и околните земји, а на редовни состаноци на 7 дена се разгледува епидемиолошкиот извештај од ИЈЗ кој се однесува на состојбата со Ковид-19 за нашата земја, епидемиолошка сосојба и можноста за промена на превентивните мерки кои се на сила.

– Согласно тие индикатори се носат одлуки за потребата од постоење или укинување на одредени мерки кои се во насока на контрола на трансмисијата на вирусот. Пред неколку недели беше предложено да се укине барањето/потребата од сертификат за влез во поголеми продавници (молови), а беше и укината мерка за потребен сертификат при посета на угостителски објекти во отворениот дел. Имаме внимателен пристап кога е во прашање заштитата на здравјето на нашите граѓани и сметаме дека не би требало да ја повториме грешката што ја направија неколку европски земји кои одеднаш ги укинаа мерките и потоа мораа да се соочат со зголемен број на позитивни случаи, преполнување на болниците и зголемен број на починати од ковид, заклучува Мехмедовиќ.

Портпаролот на КЗБ вели дека во моментот кога ќе имаат нова предлог мерка за подобрување на вакцинацијата истата веднаш ќе ја соопштаат.

– За сите предлози на КЗБ известуваме редовно, на прес конференции, преку соопштенија или на новинарски прашања. Мислам дека успеавме да воспоставиме однос со медиумите и граѓаните кој се базира на транспарентност и достапност. Идеи за подобрување на вакцинацијата се дискутираат на секој состанок, но за да се преточи идејата во предлог мерка мора да постои консензус на ниво на комисијата и потоа истата ја споделуваме во јавноста, додава д-р Мехмедовиќ.

M.A.

Слични содржини