Меј ја обвини владата за загрозување на интегритетот на Велика Британија

од Vladimir Zorba

Пратеничката и поранешна британска премиерка, Тереза ​​Меј денеска ја обвини владата за загрозување на мирот во Северна Ирска и за загрозување на интегритетот на Велика Британија, со предлог-закон со кој се поништуваат некои делови од договорот за „Брегзит“.

Конзервативната пратеничка беше на чело на владата од 2016 година до средината на 2019 година во екот на преговорите за „Брегзит“ и предупреди дека нема да гласа за предлог-законот поднесен од нејзиниот наследник Борис Џонсон, бидејќи тоа носи непроценлива штета на угледот на Велика Британија.

Лондон го предизвика бесот на Европејците со презентирање на нацрт-закон што сега се разгледува во парламентот, во кој делумно се откажува од договорот потпишан во јануари со европските дваесет и седум, во врска со излегувањето на Велика Британија од ЕУ. Според самите Британци, предлогот претставува кршење на меѓународното право.

Предлог-законот ги оспорува посебните одредби донесени за Северна Ирска, со цел да се избегне враќање на тврдата граница со Република Ирска. Тоа може да го ослабне мировниот договор од 1998 година, со кој се стави крај на три децениското насилство.

„Волјата на владата еднострано да се откаже од меѓународниот договор што го потпиша ја доведува во прашање нејзината волја за целосно почитување на Договорот на Велики петок“, рече Тереза ​​Меј пред парламентот.

Таа мораше да даде оставка кога и самата се соочи со незгодното прашање за Северна Ирска.

Смета дека оваа промена на ставот може да направи некои заедници да бидат помалку подготвени да и веруваат на британската влада и дека тоа може да влијае на волјата на луѓето од Северна Ирска да бидат дел од Велика Британија.

„Далеку од зајакнување на интегритетот на Велика Британија со цврст став кон ЕУ, владата всушност го загрозува нејзиниот интегритет“, рече поранешниот премиер, нарекувајќи го таквиот став „несовесен и неодговорен“.

Тој предлог-закон, сепак, го доби првичното одобрување на пратениците минатата недела. Само двајца конзервативни пратеници гласаа против, а 29, меѓу кои и Тереза ​​Меј, беа воздржани.

Пратениците повторно ќе гласаат следната недела, а потоа ќе биде доставен до горниот дом на лордовите, за подлабоко разгледување.

Слични содржини