Меркел: Делумниот „локдаун“ помага, но мора подобро

од Nikola Popovski

Германската канцеларка Ангела Меркел денес оцени дека делумниот карантин што беше воведен во Германија на почетокот на ноември спречил експоненцијален раст на бројот на новозаболени, но исто така предупреди дека тој број мора дополнително да се намали. Германските власти претходно објавија дека ограничувачките мерки, воведени поради вирусот, веројатно ќе останат на сила во текот на зимата.

По состанокот на федералната влада и сојузните држави на Германија, таа објавила дека одлуката за заострување на постојните мерки е одложена за 25 ноември и апелирала до граѓаните да ги намалат своите социјални активности и контакти на најнизок можен минимум, објави Ројтерс.

„Мерките што сега се на сила сè уште не го променија трендот на раст на бројот на заразени, но успеавме да ја скротиме динамиката на инфекција“, вели Меркел, додавајќи дека формулата за успех е намалување на социјалната интеракција и контактите.

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан претходно објави дека рестриктивните мерки, воведени поради коронавирусот, веројатно ќе останат на сила во текот на зимата.

Според него, малку е веројатно дека ќе бидат организирани масовни прослави на Божиќ или собири на повеќе од 10 до 15 лица.

Денес се регистрирани скоро 22.000 нови случаи на коронавирус во Германија, но тоа е за околу 1.500 помалку отколку за време на викендот.

Германија воведе едномесечно затворање на угостителски и спортски објекти, со продолжување на работата на училиштата и продавниците.

Шпан изјави дека намалувањето на бројот на заразени лица нема да значи итно враќање во нормалниот живот.

Слични содржини