Меркел: На Европа ѝ е потребна солидарност, национализмот не е решение

од Stefanija Kuzmanovska

Европската унија мора да покаже меѓусебна солидарност, да се осигура дека областите кои се погодени од пандемијата ќе добијат повеќе, додека оние кои се економски посилни не се преоптоварени, рече германската канцеларка Ангела Меркел во средата во Брисел, пренесе „Алџезира Балканс“.

Во силен, проевропски говор во Европскиот парламент, таа предупреди дека „враќањето на национализмот не значи да се има поголема контрола, туку помалку“.

Затоа, ЕУ мора да дејствува заедно, „треба да обезбедиме регионите кои се најпогодени од пандемијата на коронавирус да добијат поголема помош без да бидат преоптоварени економски посилните“.

Таа додаде дека „не смееме да бидеме наивни“ и дека многумина едвај чекаат на неуспехот на ЕУ.

„Пандемијата на коронавирус и решавањето на нејзините последици ќе го одбележи германското претседателство“, рече Меркел, презентирајќи ги приоритетите на ротирачкото претседателство во втората половина на оваа година, објави Хина.

„Главниот приоритет на претседателството е Европската унија да излезе обединета и силна од корона кризата, не само на краток рок, туку сакаме Европа што всадува надеж. Сакаме да создадеме таква Европа“, рече таа.

Истакна пет приоритети на кои Германија ќе инсистира за време на своето претседателство: основни права, кохезија, заштита на климата, дигитализација и улогата на Европа во светот.

Взаемна солидарност

Таа ја истакна важноста на кохезија и меѓусебна солидарност. „Европа ќе излезе посилна од кризата ако ја зајакнеме кохезијата, европската солидарност не е само хуман пристап, туку е корисна за сите“, рече таа.

Истакна дека ЕУ ќе настојува да постигне договор за идните односи со Велика Британија до крајот на годинава, но дека ЕУ треба да биде подготвена и за Брегзит без договор.

Меркел рече дека ќе работи на одржување конференции за пристапување до крајот на годинава, односно за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

Слични содржини