Меркел најави средба со Тихановскаја

од Vladimir Zorba

Германската канцеларка Ангела Меркел најави дека ќе се сретне со лидерката на белоруската опозиција, Светлана Тихановскаја, која претходно разговараше со францускиот претседател Емануел Макрон.

„Наскоро ќе се сретнам и со Тихановскаја“, рече Меркел денес во Бундестагот, нагласувајќи дека „им се восхитува на храброста“ на жените кои протестираат против контроверзниот реизбор на Александар Лукашенко за претседател.

Германската канцеларка го повика Лукашенко, чиј реизбор не е признат од ЕУ, Канада или САД, но е поддржан од Москва, да „започне дијалог со народот“, „без мешање од Исток или Запад“.

Макрон, кој е во посета на Литванија, вчера побара меѓународно посредување за организирање нови претседателски избори, под контрола на меѓународната заедница.

„Како Европејци, ќе се потрудиме да помогнеме во медијацијата“, која ќе биде „цврсто водена од ОБСЕ“, рече францускиот претседател.

Макрон потсети дека Европската унија подготвува казнени мерки за режимот во Белорусија, а санкции најавија и Велика Британија и Канада.

Главната противкандидатка на Лукашенко на изборите, Светлана Тихановскаја, замина во Литванија веднаш по гласањето.

Белорусија е погодена од политичка криза уште од претседателските избори, кога започнаа масовни антивладини протести низ целата земја, иницирани од официјалните резултати на гласањето, според кои Лукашенко освои повеќе од 80 проценти од гласовите.

loading...

Слични содржини