Меркел: Земјите од Западен Балкан имаат перспектива за членство во ЕУ

од Vladimir Zorba

Би сакала да им порачам на земјите од Западен Балкан дека имаат перспектива за членство во Европската Унија, изјави синоќа во Загреб германската канцеларка Ангела Меркел.

– Ние живееме за тоа и ќе направиме тоа да се случи, нагласи Меркел на Конгресот на Европската народна партија, што вчера и денеска се одржува во хрватскиот главен град.

Таа порача дека ќе разговара со Франција за да се најде консензус околу францускиот предлог за реформи на процесот на преговори за членство во ЕУ, со цел да се создадат услови за што побрзо започнување на преговарачкиот процес со Северна Македонија и Албанија.

– Мора да разговараме со Франција и тоа треба да го сториме многу интензивно и да ги утврдиме елементите што треба да се подобрат и да се менуваат во процесот на проширување. Сакаме договор за тоа колку што е можно поскоро со цел да можеме да постигнеме напредок во конкретниот случај, изјави Меркел, нагласувајќи дека реформите во преговарачкиот процес ќе треба да им овозможат вистинска перспектива за членство на земјите од Западен Балкан.

Германската канцеларка потенцира дека ги поддржува плановите на хрватската Влада за одржување Самит ЕУ – Западен Балкан во целосен формат, додавајќи дека Германија смета оти перспективите за преговори за влез во Унијата на Северна Македонија и Албанија „ќе ја зајакнат геополитичката стабилност на историски нестабилниот Балкан“.

Слични содржини