Мерките ќе овозможат посигурен економски старт на 2021 година?

од Vladimir Zorba

Генерално задоволни, но внимателни во прогнозите за успех. Ова е накусо суштината на ставот на Стопанската комора на Северо-Западна Македонија во однос на новиот пакет економски мерки за стопанството. Вкупниот износ од 470 милиони евра го сметаат за значајна помош доколку парите се инјектираат во бизнис секторот, но сугерираат пропорционално применување на мерките кај компаниите.

„На тој начин, ќе се третираат длабоките економски загуби, и така ќе дојдеме до побрзо закрепнување и побрзо отпочнување на економската ревитализација во следниот период“, велат во СКСЗМ.

Брзината на заздравување на нашата економија според нив, ќе зависи од многу фактори , но како основен ја посочуваат Владата, која преку своите механизми ќе треба да ја стимулира побарувачката со цел да се одржи растот, но и да се чува рамнотежата на цените.

„Сметаме дека доколку сме во позитивна насока на движење со пандемијата, тој период ќе биде клучен за тоа колку брзо ќе закрепне нашата економија, а што побрзо тоа се случува, толку повеќе ќе може да го обновиме нашето присуство и на странските пазари’’, категорични се во СКСЗМ.

Исклучително се внимателни во искажувањето на ставот во однос на мерката за субвенција на платите која ќе можат да ја искористат само работодавачите кои до 31 јули ќе ги вратат на работа отпуштените работници.

„Ние сметаме дека сочувувањето на работните места во овој период е поважно од многу други елементи кои некои мерки целат да ги постигнуваат.Врз тоа влијаат неколку фактори како што се продуктивноста на компаниите која во овој период е намалена ,но и ликвидноста која исто така е загрозена. Оттука, сметаме дека мерката за субвенција на платите е добра, бидејќи ги помага компаниите во овие два аспекта’’, велат во СКСЗМ .

Во Комората не се многу прецизни во однос на тоа дали ќе биде доведена во прашање исплатата на К-15. Го посочуваат фактот дека компаниите имаат потешкотии со исплатата и на редовните плати, што е според нив уште еден аргумент во прилог на потребата за продолжување на мерката на субвенционирање на платите.

„Новост во оваа постоечка, но модифицирана мерка е дека ќе се доделат субвенции повисоки од 14.500 денари, и тоа е позитивен сигнал на тоа дека Владата разбрала дека треба да им се помогне на најпогодените’’велат во СКСЗМ.

Како дополнителна мерка за намалување на последиците од корона вирусот, Комората ја посочува потребата од помош за компаниите и тоа во зависност од секторот и штетата што ја претрпеле.Приоритет велат, треба да имаат оние со најголемо учество во БДП. Поддршка бараат и од банките, и тоа преку намалување на каматните стапки во минимални со цел да служат како алтернатива на бизнисите за пристап до финансии.Како причина за загриженост го посочуваат потребниот период за стартување на дел од мерките кои нема да можат да почнат да се применуваат без претходно неопходните законски интервенции.

„Сметаме дека голем бој компаниии немаат многу време, а од друга страна принудени се да го чекаат не само периодот на законски интервенции, туку и да ги поминат сите етапи во процесот на подготовка за административен и технички аспект за да аплицираат за мерките’’ велат во СКСЗМ.

Комората е согласна дека мерката – „викенд без ДДВ“, исто како и платежните картички “Купи домашно” се во насока на поддршка на домашното производство, но нејзин став е дека ова не е најсоодветниот начин да се пружи рака на домашните производители.Како подобра опција предлагаат поттик за домашните компании преку финансиска подршка, како и преку помош во пласирањето на нивните производи и услуги на домашниот и на странскиот пазар. На овој начин, според СКСЗМ, економијата целосно ќе биде помогната.

Генерално, имајќи ги предвид досегашните мерки на Владата, Стопанската комора на Северо- Западна Македонија има верба дека тие ќе овозможат постабилен економски старт на 2021 година.

Калина В. Стојановска

Слични содржини