Мерките од третиот столб од Планот за економски раст на дневен ред на Владата

од desk2

Владата на Република Македонија денеска ќе одржи редовна седница на која ќе ги разгледа Правилниците за мерките од Планот за економски раст.


Со донесувањето на правилниците на предлог на Фондот за иновации и технолошки развој ќе се овозможи почеток на имплементацијата на мерките од третиот столб од владиниот План за економски раст, односно ќе се создаваат услови за започнување на постапката за доделување на финансиската поддршка на микро, мали и средни претпријатија.

Владата ќе ја разгледа и информацијата за Правилник за општите и посебните барања за безбедност на храната во однос на максимално дозволените нивоа на резидуи од пестициди во или врз храната и храната за животни од растително и од животинско потекло.

Министрите ќе разговараат и информацијата за потребата од подготовка на Детална длабинска анализа на компании во државна сопственост.

На дневен ред е и конечниот извештај за извршената ревизија на успешност, односно ефективност на единиците на локална самоуправа во годишното планирање и реализација на годишниот план за јавни набавки, а на предлог на Канцеларијата на претседателот на Владата ќе биде разгледана и Предлог-иницијативата за формирање Национално координативно тело за изедначување на правата на лицата со попреченост.

На предлог на Министерството за образование и наука ќе биде ставен на разгледување Предлог-законот за поддршка на млади при купување на музички инструменти, како и информацијата за добивање на одобрение за јавна набавка за склучување на повеќегодишни договори за изградба и надзор на изградба на ново училиште во Љубош во општина Студеничани.

Владата ќе ја разгледа и информацијата за реконструкција на Општата болница во Струмица и за изградба на Регионална клиничка болница Штип.

На дневен ред на 64-тата владина седница е и информацијата за донесување на Национален акциски план 2018-2020 за спроведување на Стратегијата за родова еднаквост 2013-2020, како и информацијата за постапување по предметите за помилување во 2017 година.

Слични содржини