Меси доаѓа во Аргентина по трофејот што мора да го освои

од Stefanija Kuzmanovska

Последен воз. Шанса барем делумно да ги замолкнеме критичарите. Бидејќи, на Лионел Меси исто така му е преку глава од приказните дека тој никогаш не освоил ништо со Аргентина и дека поради тоа не му е ни до колена на Марадона.

Судбината е навистина сурова кон еден од најдобрите фудбалери во светот на сите времиња. Според многумина – најдобриот. Иако, противниците секогаш ќе наведуваат како аргумент дека ништо не е освоено со репрезентацијата. Освен Олимписките игри.

Едно финале на Светското првенство, три финалиња на Копа Америка и во сите четири – пораз. Без трофеј. Затоа претстојното издание на Копа е натпреварување што Меси мора да го освои. Затоа што се игра среде Аргентина, во неговата татковина. На 33 години тешко дека ќе има поголема шанса. Можеби нема да има друга. Па, ако не го подигне пехарот ова лето, неговите сонародници никогаш нема да му простат.

Асот на Барселона е исто така свесен за тоа. И затоа утре пристигнува во Буенос Аирес и започнува со подготовките.

„Целата група на играчи е возбудена што ќе играме во Аргентина, едвај чекаме. Одамна не сме биле заедно, затоа сме желни да се собереме. Ова ќе биде посебна Копа Америка, поинаква, бидејќи нема да има навивачи. Но, без оглед на сè, имам огромна желба да бидам таму“, рече Меси за „Оле“.

Како момче, Лео ја напушти Аргентина за Шпанија, па неговите сонародници кои го оспоруваат тврдат дека тој не е вистински „гаучо“, дека тој не го чувствува репрезентативниот дрес на ист начин како момчињата кои започнаа да ја градат својата кариера во земјата каде што се родени. Но, се разбира, Меси вели дека ваквите приказни немаат никаква врска со реалноста.

Тој ќе го прослави 34-от роденден среде Копа и најголем подарок би му бил трофејот.

„Иако како млад дојдов во Барселона, никогаш не ја напуштив Аргентина. Сè што секогаш ми се случуваше беше поврзано со нашата земја, моето семејство и пријателите сè уште се таму. Обожавам да се враќам дома, во Росарио, да бидам таму со моите пријатели од детството, да правам скара, да се дружам … Можеби затоа што заминав млад, нешто секогаш ме влече да се вратам“, призна Лео Меси.

Аргентина ќе игра во групата А на Копа Америка, а нејзини ривали ќе бидат Уругвај, Чиле, Боливија и Парагвај.

Слични содржини