Меси: Ќе почекам до јуни, сега нема да преговарам

од Vladimir Zorba

Лионел Меси реши да зборува за сè што се случи на крајот на летото и за неговата желба да ја напушти Барселона, за што зборуваа сите светски медиуми.

За прв пат од тогаш, Аргентинецот даде интервју во божиќната емисија за шпанската телевизија „Ла Секста“, што се емитуваше во неделата вечерта, и во кое тој реши да каже сè што му паѓа на ум.

Меѓу другото, тој зборуваше за своето детство, растењето, доаѓањето во Барса на 13-годишна возраст, но секако, интервјуто главно се засноваше на неговиот однос со претседателот на Барса во заминување, Бертомеу, кој беше една од причините зошто сакаше да го напушти клубот.

– Барселона е мојот живот. Барса ми даде сè. Живеам овде подолго отколку што живеев во Аргентина. Тука научив сè. Клубот ме формираше и како играч и како личност – започна Меси за неговата убов кон клубот.

Со оглед на сè што се случуваше од август, како се чувствува во моментот?

– Сега сум добро. Ми требаше време да се чувствувам добро. Јас сум желен и сакам да се борам за сите титули за кои се натпреваруваме – изјави Меси, а потоа без двоумење се осврна на ситуацијата во клубот.

– Клубот е во тешка ситуација. Тешко е за секого. Ќе биде многу тешко да се вратиме таму каде што бевме порано. Не ми е гајле што велат луѓето, секој има свое мислење – изјави Аргентинецот.

Потоа призна дека неодамна плачел, но не поради спортот.

– Дали скоро сум плачел? Да, но не поради спорт. Но, многу страдав. Плачев поради други проблеми, но не би сакал да давам детали.

И тогаш дојде едно од прашањата што сите го чекаа, а тоа е дали тој повторно ќе го испрати барањето за трансфер, како што направи ова лето.

– Да, би го сторил тоа повторно. Јас сум вечно благодарен на овој клуб. Го сакам клубот, ја сакам Барселона, градот … Се чувствувам како да и дадов сè на Барселона. Сè што ми даде клубот, го заслужив порадиона што го направив. Мислев дека ми треба промена. Дека го затворив кругот. Моите деца рекоа дека не сакаат да одат, но чувствував дека е најдобро за мене. Мислев дека кругот е затворен,истакна легендата.

Потоа се осврна на Бартомеу, претседателот на клубот во заминување, со кого имаше бројни конфликти.

– Бертомеу ме измами во многу работи. Не би сакал да навлегувам во детали, но со текот на годините тој ми кажа многу лаги – изјави Меси, а потоа откри дека имал желба да замине во текот на минатата сезона.

– Цела година му зборев на Бертомеу дека сакам да си одам, но претседателот секогаш велеше: „Не“. Барањето за трансфер што го испратив само го официјализираше.

Следуваше прашањето дали може да си оди бесплатно, односно како слободен играч минатото лето.

– Знаев дека ако одиме на суд ќе победам. Не само еден адвокат, туку неколкумина од нив ми го кажаа тоа. Но, јас не сакав да си заминам на тој начин.

Како што се очекуваше, бидејќи најмногу се споменуваше дека тој може да оди во Манчестер Сити кај својот поранешен тренер Пеп Гвардиола, тој исто така беше запрашан дали разговарал со него.

– Не знам колку траеше мојот последен разговор со Гвардиола, но ние разговараме. Ние не зборуваме за тоа дали нашите патишта повторно ќе се вкрстат. За мене Пеп е најдобар, тој има нешто посебно. Луис Енрике и Пеп Гвардиола се најдобрите тренери за мене. Тие ме научија многу.

Во моментов е во тек кампањата за нов претседател на Барселона, но Меси не е на ниту една страна.

– Нема да бидам врзан за ниту еден претседателски кандидат. Сакам да биде некој што ќе го врати клубот таму каде што припаѓа – да победува.

Ако Чави дојде за тренер?

– Дали би останал? Не знам, ќе видиме што ќе се случи во јуни – рече Меси и со тоа ја отвори темата, дали тоа значи дека е подготвен да ја напушти Барселона во јуни?

– Сега нема да преговарам со други клубови, ќе чекам до крајот на сезоната и потоа ќе одлучам во јуни. Не знам што ќе правам (останувам или заминувам), затоа што сега не знам ни сам – јасно рече Меси и им даде сигнал на најбогатите клубови дека можат да се подготват за летото.

Сепак, тој додаде дека би сакал да игра во САД еден ден.

– Би сакал да играм таму еден ден, но не знам дали тоа ќе се случи.

Слични содржини