Меси: Многу сум среќен, дојдов да ја освојам Лигата на шампионите (ВИДЕО)

од Stefanija Kuzmanovska

Аргентинскиот фудбалер Лионел Меси за прв пат се обрати како играч на Пари Сен Жермен.

Меси во вторникот пристигна во Париз, каде беше пречекан од навивачите, а вечерта официјално потпиша за ПСЖ.

Тој потпиша двегодишен договор и го зеде бројот 30.

Сега за првпат се обрати на прес -конференција како играч на францускиот тим.

„Многу сум среќен. Моето заминување од Барселона беше многу тешко, поминаа многу години и јас сум таму долго време, па беше тешко да си заминам. Сепак, јас сум многу среќен што сум тука. Едвај чекам да помине сето ова и да започнам веднаш да тренирам. Благодарение и на Барселона. Откако се излезе, официјалната објава, се помина брзо и во најдобар можен редослед. Благодарение на ПСЖ и беа брзи во однос на преговорите, брзо завршивме се“, рече Меси.

Меси сега ќе игра со Нејмар и Мбапе.

„Тоа е лудо и јас сум многу среќен поради тоа. Мило ми е што ќе бидам со овој тим секој ден. Клубот направи одлични трансфери и овој тим е неверојатен. Ќе играм со најдобрите играчи во светот“.

Тука се и неговите сонародници Ди Марија и Паредес.

„Имам сонародници и пријатели во Пари Сен Жермен. Една од причините зошто дојдов тука е соблекувалната, добрата атмосфера и луѓето што ги познавам“.

Како течеа преговорите со францускиот клуб?

„Од првиот ден беа одлични во преговорите, иако преговорите не беа лесни. Благодарам на клубот за се што направи за мене и за дочекот што ми го приредија“, објаснува Аргентинецот.

Дали мисли дека може да му ја донесе на ПСЖ првата титула во Лигата на шампионите?

„Понекогаш можете да го имате најдобриот тим во светот и да не ја освоите Лигата на шампионите. Тоа е натпреварување каде што играат најдобрите. Исто така ви треба среќа. Ова е посебно натпреварување и најдобрите не победуваат постојано. Мојата цел е повторно да ја освојам Лигата на шампионите и ова е најдобриот тим за мене, каде што можам да го направам тоа“, вели Меси.

Доколку ја сретне Барселона …

„Тоа е мојата куќа. Би било убаво да играме против Барселона и да се вратиме таму. Исто така, би било многу чудно да играм во Барселона како играч на друг клуб, во друг дрес“.

За Лига 1?

„Имам многу пријатели кои играат во француското првенство и затоа гледав некои натпревари. Мислам дека Лига 1 постигна многу напредок. Го знам тоа. Ова ќе биде ново и големо искуство за мене„.

Соработката со Маурисио Почетино?

„Прво разговарав со него, јасно е дека разговаравме. Се познававме порано и сме во добри односи“.

Го пофали и Марко Верати.

„Верати е еден од најдобрите играчи во светот на својата позиција. Сакаше да дојде во Барселона, а сега ситуацијата се смени и дојдов кај него. Тој е феномен. Го познавам лично“.

Дали Меси ќе дебитира в сабота против Стразбур?

„Не знам, само што се вратив од одмор. Одморав еден месец. Ќе треба добро да се подготвам пред да се вратам на теренот. Се надевам дека тоа ќе биде што е можно поскоро“, изјави Меси.

Конференцијата заврши со скандирање „Меси, Меси“, додека претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Келафи и Меси го кренаа дресот.

Слични содржини