Меси може да преговара за заминување од Барселона

од Nikola Popovski

Фудбалерот на Барселона, Лионел Меси, може да преговара за трансфер во други клубови од оваа сабота, шест месеци пред истекот на договорот со каталонскиот клуб.

Зимскиот преоден рок започнува за викендот низ цела Европа, а во Шпанија во понеделник и сите се желни да видат што ќе одлучи еден од најдобрите фудбалери на сите времиња.

Меси побара од управата на клубот да го пушти летово, но тогашниот претседател Хосеп Марија Бартомеу се осврна на клаузулата во договорот, па Аргентинецот остана во клубот затоа што не сакаше да оди на суд.

Неговиот договор со Барселона истекува на 1 јули.

Во Барселона, претседателските избори се закажани за 24 јануари, а новата управа ќе има задача да го убеди Меси да остане на Камп Ноу.

Барселона смени тројца тренери за една година, не освои трофеи минатата сезона и претрпе понижувачки пораз од Баерн Минхен со 2: 8 во четвртфиналето од Лигата на шампионите.

Медиумите шпекулираат дека Меси може да се пресели во Манчестер Сити, каде повторно би работел со тренерот Пеп Гвардола, но и Пари Сен Жермен е сериозен конкурент, кој со голем договор може да го убеди 33-годишниот Аргентинец да се пресели на „Паркот на принцовите“.

Со месечна плата од 8,3 милиони евра, според весникот „Лекип“, Меси е најплатениот фудбалер во светот, пред Кристијано Роналдо од Јувентус (4,5 милиони евра месечно), Нејмар од ПСЖ, кој има околу три милиони евра и Килијан Мбапе, кој има месечна плата од околу два милиони евра.

Слични содржини